Фото: Архива

Истражувањето покажува и дека перцепцијата на младите за лидер е некој што има цврст став, апсолутно е одговорен, компетентен и способен, го исполнува ветеното, отчетен, човек со јасна цел и визија за земјата, кој го сака својот народ и се грижи за него. Но, исто така, кај помладите генерации се забележуваат и поавторитарни и помалку демократски ставови за многу прашања во однос на средната и постарата генерација

Еден друг агол на опсервација за повеќеслојната општествена депресија

Последното истражување на фондацијата за демократија „Вестминстер“ покажа дека младите немаат доверба во македонските институции, но покажува и нивна аполитичност кон општествените случувања во Македонија. Ако се земе предвид дека довербата во јавните институции е суштинска за општествениот и економскиот напредок на секоја држава, тогаш ситуацијата во нашето општество е сериозна. Во државите каде што падот на довербата на јавноста е најизразен, најчесто постои економска несигурност и перцепција за корумпирани или лоши владини политики. Обезбедувањето на економската сигурност е еден од столбовите на секоја функционална држава и нејзините институции. Кога економската несигурност е широкораспространета, довербата во институциите еродира. Во рамките на Европската Унија, најостриот пад на довербата во националните влади се совпадна со финансиската криза во 2008 година, при што довербата најмногу се намали во државите што беа најтешко погодени од економската криза, вклучувајќи ги Грција и Шпанија. Дополнително, лошите владини политики, скандалите и корупцијата исто така ја поткопуваат довербата на луѓето во јавните институции.

Младите сметаат дека на нашата земја ѝ е потребен одговорен лидер

Истражувањето на фондацијата за демократија „Вестминстер“ покажува голем пад на довербата во институциите и владините политики. Дополнително, истражувањето покажува дека младите се декларираат како социјално исклучени граѓани, дека се апатични и резигнирани. Според истражувањата на „Вестминстер“, дури 57 отсто од младите воопшто не се заинтересирани и не ги следат политичките настани. Исто така истражувањето покажува дека околу 15 отсто од младите сметаат дека целосно или многу може да влијаат врз тоа што и како работи власта, додека 45 отсто од испитаниците истакнуваат дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија, што е за 15 отсто помалку во споредба со истражувањето од пред две години.
Само 13 отсто од младите во Македонија сметаат дека властите целосно или многу се грижат за нив или нивните проблеми. Младите највисоки оценки во истражувањето им имаат дадено на образовните институции (2,50) и на средношколските и студентските тела (2,45), а наспроти нив, со најлоша оценка се македонското собрание и политичките партии.
Истражувањето исто така посочи дека половина од младите луѓе (51 отсто) покажуваат иницијативност за решавање одредени општествени проблеми, но поразителни 5 отсто од младите постојано успевале да го решат проблемот, како и 23 отсто од нив рекле дека често успеваат да го решат проблемот. Иако имаат иницијативност, 51 отсто од младите рекле дека ретко имале успех во решавањето одредени општествени проблеми, а 19 отсто не успеале да го решат проблемот за кој се активирале.
Истражувањето покажува и дека перцепцијата на младите е за лидер со цврст став, апсолутно одговорен, компетентен и способен, го исполнува ветеното, отчетен, човек со јасна цел и визија за земјата, кој го сака својот народ и се грижи за него, но исто така кај помладите генерации се забележуваат и поавторитарни и помалку демократски ставови за многу прашања во однос на средната и постарата генерација.
Во спроведената анкета на 1.060 млади испитаници, 60 отсто од младите рекле дека доколку би имале можност, би се иселиле од Македонија. Овој процент е речиси непроменет во однос на претходното истражување од 2020 година. Истражувањето покажало дека 4 од 10 млади што биле вклучени во анкетата се целосно или многу задоволни од своето место во општеството, додека 6 од 10 млади луѓе се делумно или целосно незадоволни од своето место во општеството.

Зошто има нефункционалност на институциите

Истражувачите од Лондонската бизнис-школа истакнуваат дека економските тешкотии, како и недовербата во институциите, која е условена од скандалите и корупцијата, како и лошите владини политики, создаваат чувство на немоќ, а оваа немоќ придонесува граѓаните да бидат привлечени од доминантни, односно авторитарни лидери. Според истражувањето на Лондонската бизнис-школа, заканата од економска несигурност ги наведува луѓето да претпочитаат лидери за кои сметаат дека се одлучувачки, авторитативни и доминантни, дури и ако тие се морално сомнителни, пред другите типови лидери што би можеле да бидат попочитувани или поупатени.
Истражувањата исто така покажуваат дека справувањето со економската несигурност и подобрувањето на ефективноста и отчетноста на јавните институции меѓусебно ги зајакнуваат политичките приоритети. Владите што ефикасно одговараат на потребите на своите граѓани ја подобруваат економската сигурност и создаваат доверба во институциите. Довербата во институциите е условена од нивната ефикасност, а ефикасноста е условена од нивно реформирање.
Во оваа конотација, холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, истакна дека неопходните реформи можеле да бидат направени пред 10-15 години, а не се направени.
– Неиздржано е да се зборува за евроскептицизмот од тој аспект, дури е и навредливо, зашто по 20-30 години поддршка за да влезете во ЕУ, прашањето е каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме. Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани? Дали е тоа прашање на менталитетот? Можеби се сеќавате, наши даночни обврзници ги платија вакцините за коронавирусот за Западен Балкан. Европската комисија пред неколку месеци даде дополнителни 200 милиони евра за Владата на С. Македонија поради високите цени на енергентите и инфлацијата иако и нашите даночни обврзници беа соочени со истиот енергетски проблем и високите цени -рече Дирк Јан Коп.
Холандскиот амбасадор исто така рече дека за Холандија, кога станува збор за евроинтеграциите на Македонија, секогаш првенствено ќе мери колку се спроведуваат реформите пред сѐ.
– Целта треба да ви биде влез во ЕУ, а тоа може да се случи за неколку години, кога ќе ги исполните условите. И, ако дотогаш не го смените Уставот, тогаш ќе мора секако да го смените за да се внесат сите промени во новата рамка на денот кога вашето знаме ќе биде поставено до нашето во Брисел. Вистинскиот проблем е што луѓето немаат доверба во институциите. Таа доверба е десет пати помала во споредба со земјите од ЕУ. Луѓе се жалат на судовите, обвинителството, полицијата. Добиваме писма и мејлови. Па, ние не сме слепи – рече амбасадорот Дирк Јан Коп. Д.Ст.