Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија одржа прием во хотелот „Александар палас“ во Скопје по повод одбележувањето на кинеската Нова година. Одбележувањето на настанот беше проследено со исклучително интересна културно-уметничка програма, во која во поголемиот дел учествуваа деца од предучилишна и рана училишна возраст (некои од нив и облечени во кинеска народна носија), кои на кинески јазик исполнија неколку музички композиции.
На приемот беа присутни голем број гости од политичкиот, културниот и јавниот живот, кои со внимание го проследија обраќањето на амбасадорот на Народна Република Кина во земјава, Џанг Ѕуо, во кое тој ги истакна главните постигнувања во изминатата година, посочувајќи и на развојот на односите и соработката помеѓу Кина и Македонија. Во продолжение интегрално го пренесуваме говорот на амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо.