Како се сакаат својот дом, семејство, народ и татковина

Став

Зборот „врне“ претставува несвршен глагол, кој го употребуваат само Македонците и никој друг! Кај ниту еден словенски или друг јазик овој глагол не се употребува освен кај нас! Можеби ова е и една од многуте причини што нѐ прават посебни на свој начин. Врне, в’рне, в’рна е дејство што во суштина означува „враќање“ на водата во форма на снег, дожд или град на земјата, онаму каде што и ѝ е местото и каде што таа припаѓа, од небото на земјата. На небото е само привремено! Ваквата природна хармонија понекогаш ја има и во општеството, кога луѓето се враќаат онаму од каде што им е местото и од каде што потекнуваат.
Враќањето кон местото од кое потекнувате може да биде предизвикано од повеќе причини, кои може да бидат на пример тешкотии во земјата домаќин, недостиг од економски можности, јазични тешкотии, социјална изолација, дискриминација или непознати културни средини. Некои луѓе се враќаат и за да го поминат последниот дел од животот дома.

Но, постои и враќање што е проследено со емпатија, како што е на мојот пријател Оливие, кој е Евреин, роден и образован во Франција, исто онака како и неговите десет поколенија предци, кои исто така биле родени и живееле во Париз. Враќањето назад во Израел на Оливие и неговото семејство, за кои многумина би рекле дека се повеќе Французи отколку Евреи, мене ме зачуди, вчудовиде и зашемети, а особено тргнувајќи од фактот дека тие се многу добро етаблиран и ситуирани во француското општество, во кое живеат близу половина милион Евреи.
На моето прашање зошто се одлучил на ваков чекор, кој е ризичен и нерационален, тој ми одговори: „Јас сум Евреин и секогаш ќе бидам Евреин, каде и да сум и каде и да се наоѓам на Земјината топка и без разлика колку време сум бил на тоа место. Мојот дом е Израел, како што вашиот е Македонија. Оваа состојба да живееме раселени по светот за нас била само привремено место за опстојување. Истото тоа важи и за твоите Македонци што живеат во Америка, Австралија или во Европа. Во Израел е мојот народ и таму е моето место и таму јас и моето семејство се чувствуваме најсигурни, меѓу своите. Ја почитуваме Франција како држава и како добар домаќин, од која емигрираме за нашата татковина Израел. Има ли побезбедно место за нас кога сме опкружени со својот народ, со кој треба да делиме зло и добро….“.
По ваков јасен, убедлив и аргументиран одговор, нема што повеќе да се прашува или зборува, останува само да си молчите и да се восхитувате на тоа како се сака својот дом, семејство, народ и татковина!

Постојат многу начини со кои се искажува патриотизмот, но ретко се наоѓа ваков приказ каде што се жртвува сопствениот комодитет и се става сопственото семејство во неизвесност само за да се постигне повисоката цел или опстанокот и прогресот на својот народ. Ова не е единствен случај во Израел, во последните десет години бројот на жители во Израел е зголемен за околу три милиони, а само минатата 2022 година 76.261 човек го направија Израел свој постојан дом. Податоците на Еврејската агенција за емиграција исто така покажуваат дека доселените Евреи повеќе од една четвртина во минатите години биле млади луѓе, на возраст од 18 до 35 години, а што означува работоспособност и прогрес.
Ние, за жал, капитулиравме по ова прашање! Барем досега. Во Македонија не постои ваков процес на враќање, а како што ни е познато на сите, постои процес на иселување. Се претпоставува дека во последната деценија се иселени околу 700 илјади Македонци, што само по себе е страшно и во блиска иднина ќе се одрази на функционирањето на државата во целост и на нејзиниот развој. Македонија треба да промовира стабилност, бесплатно образование и здравство, како и можности за вработување и да ги намали двигателите на присилната миграција, вклучително и преку промовирање на одржливост, со што ќе им овозможи на поединците да направат избор помеѓу останување или мигрирање. Потоа треба да работи на процесот на „враќање“ на македонските мигранти во нивната домицилна држава.

Процес што е можен и остварлив, а тоа го покажува примерот со Израел! Пример каде што се спојуваат како намерата на единката, така и поставеноста на институциите во остварувањето на ваквата намера. Еврејската агенција позната под името „Алија“, институција што е задолжена за „репатриација“, им обезбедува глобална рамка и ги поврзува Евреите со Израел, го пренесува гласот на еврејскиот народ до државата Израел за да си помогнат во обликувањето на иднината за генерациите што доаѓаат. Таа била основана уште во 1929 година и помогнала во создавањето и градењето на израелската држава, со визија за безбеден, разновиден и просперитетен еврејски народ, обединет со неговото вековно наследство и со посветеност на Израел, татковината на еврејскиот народ и на сите негови граѓани.
Значи ништо не е невозможно ако се сака својот дом, семејство, народ и татковина! А за оние душегрижници што сметаат дека е ова е илузија кај нас, само да им укажам дека државата Израел и Евреите имаат многу поголеми проблеми отколку ние Македонците!
Ќе заврне и за нас Македонците!

Автор: Тони Менкиноски