Анализата на „Фајнанс тинк“ укажува дека мерките за ограничување на цените на храната дадоа забележителен резултат, а „оценетиот ефект е релативно голем“

Некои согледувања и препораки на институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“

Но тие само привремено ја смируваат инфлацијата, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Во опсервацијата на „Фајнанс тинк“ се размислува и се препорачува во насока како инфлацијата да не се реституира враќајќи се на нивото и динамиката пред воведувањето на мерката…
Мерките за ограничување на цените на храната што се применија да се користат посебно во случаи на особено висока инфлација, а во сите други случаи да се заменат со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи, препорачува институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“. Меѓу алтернативите се наведени непристрасна примена на Законот против нефер трговски практики, зајакнување на капацитетот и алатките на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ремонт на системот на земјоделски субвенции за поголемо домашно производство и буџетска поддршка на најранливите сегменти од населението.

Мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец

Анализата на „Фајнанс тинк“ укажува дека мерките за ограничување на цените на храната само привремено ја смируваат инфлацијата, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Инфлацијата, се наведува во соопштението, се враќа на динамиката пред воведувањето на мерката, речиси во целост, но не е проценето натфрлување.
– Наодите од анализата покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната извршиле благ агрегатен ефект и силен непосреден ефект. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0,5 отсто, месец за месец. Со мерките, во просек инфлацијата кај храната била негативна најмногу до минус еден отсто, односно со мерките цените на храната се намалувале. Оттука, оценетиот ефект е релативно голем. Меѓутоа, тој ефект се разводнува по првиот месец од примената на мерката (кога таа траела подолго од еден месец). Ова означува дека додека мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува веројатно поради приспособувања на пазарната динамика (на пример, кај цени на алтернативни производи што не се предмет на мерката) – појаснуваат од „Фајнанс тинк“.

Растот на инфлацијата е предизвикан од повеќе фактори

Оттаму потсетуваат дека во периодот од 2021 до 2024 година, Македонија беше соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како тој на масло за јадење) предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021. Но главниот удар врз цените, подвлекуваат, дојде по почетокот војната во Украина кон крајот на февруари 2022, што предизвика тектонски геополитички и економски поместувања и имаше силен одраз врз растот на цените на енергентите и основните суровини. Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во Македонија е повисоко за 35 отсто, додека нивото на цените на храната за 46,8 отсто.


Кои беа пакет мерките за ублажување на негативните последици по животниот стандард

Во одговор на овој инфлациски притисок Владата воведе низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението, посочуваат од „Фајнанс тинк“. Преземените мерки се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи и/или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените. Донесени беа вкупно девет основни одлуки до декември минатата година, од кои три се однесуваат на ограничување на маржите, а преостанатите на ограничување на цените. Дел од нив се однесуваат на одредени производи од групата храна, а дел покриваат поширока палета производи од храна, токму онаа што ги засегнува најмногу граѓаните. Но за издвојување е дека мерките на Владата беа речиси буквално „саботирани“ од еден дел од трговците, при што институциите се заканија дека ќе преминат кон практикување контролно- репресивни мерки за сите оние што ги прекршуваат прописите и кои работат на штета на граѓаните. Е.Р.