Карикатура: „Нова Македонија“

Еден од инструментите за ефикасна борба против корупцијата е т.н. црна листа на САД. Таа всушност претставува алатка на санкции насочена кон поединци или компании опфатени по законот Магнитски, донесен во 2012 година во САД, поради прекршување на човековите права или коруптивни поведенија. Овој закон има екстериторијални овластувања за органите на САД. Законот значи спроведување санкции врз носителите на криминални и коруптивни процеси што ги засегаат американските интереси

САД го ставија поранешниот вицепремиер за економски прашања на новата црна листа

Американскиот Стејт департмент го стави на својата црна листа поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев поради, како што наведуваат Американците, негова вмешаност во значителна корупција.
– Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во С. Македонија во нивните владини институции и јавни процеси – пишува во официјалното соопштение од Стејт департментот.
Оваа ознака, како што понатаму посочија од Стејт департментот, ја потврдува посветеноста на САД во борбата против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.
Стејт департментот исто така, означувајќи ги како генерално неподобни, им забранува влез во САД и на сопругата на Анѓушев, Елизабета, и на неговите деца Ангел и Огнен.

Анѓушев: Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот

По објавувањето на одлуката на Стејт департментот, во јавноста се огласи и поранешниот вицепремиер Анѓушев, кој ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката, посочувајќи дека има фирми и во САД и е американски даночен обврзник.
– Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата – порача Анѓушев во соопштението упатено до јавноста.
За време на неговиот мандат во македонската влада од 2017 до 2020 година тој, како што вели, „работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја“.
– Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата нема никаков судски процес за кој било сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи – потенцира Анѓушев.
Американското економско списание „Форбс“ во 2014 година го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.

Амбасадорката Агелер: Останува на граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени

По објавувањето на новото име на американската црна листа, се огласи и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, која порача дека борбата со корупцијата ќе биде бескомпромисна, без оглед на позицијата, политичка определба или времето кога е вршена злоупотребата од одредено лице.
– Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во С. Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени – објави Агелер на платформата Х.
Еден од инструментите за ефикасна борба против корупцијата е т.н. црна листа на САД. Таа всушност претставува алатка на санкции насочена кон поединци или компании опфатени по законот Магнитски, донесен во 2012 година во САД, заради прекршување на човековите права или коруптивни поведенија. Овој закон има екстериторијални овластувања за органите на САД. Законот значи спроведување санкции врз носителите на криминални и коруптивни процеси што ги засегаат американските интереси. Постапката на овој закон е исклучително сложена и ги опфаќа трите министерства на САД: Секретаријатот за правда, Стејт департментот и Министерството за финансии.
Постапката по овој закон ја потпишува претседателот на САД и потоа почнуваат постапките на надлежните американски органи. Санкциите што ќе се одредат се за лица вклучени во корупција и криминал, при што им се замрзнува нивниот имот во компаниите во кои американските граѓани и компании имаат свои акции или какво било друго влијание. Тоа значи дека се испраќа известување до компаниите што имаат соработка со сомнителниот капитал, стекнат со корупција или криминал, и се бара од нив да ја прекинат соработката со поседувачите на таквите средства. Во спротивно, се спроведува постапка и за нив низ органите на Министерството за правосудство на САД. Кај познавачите, спроведувањето на законот Магнитски се нарекува – тивко давење.

 


Американската црна листа станува сè подолга

Американската црна листа со лица од Македонија станува сè подолга, што јасно говори дека САД се решени да ѝ помогнат на земјава во справувањето со корупцијата.
Поранешниот вицепремиер Анѓушев е последниот што се најде на оваа листа, откако пред нецел месец на американската црна листа завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Претходно на оваа листа се најде и Орце Камчев. Пред Камчев, американските власти во јуни годинава на списокот го сместија и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, заедно со неговата сопруга Шпреса и нивните три деца Генц, Назмије и Дренуше. Тие добија забрана за влез во САД бидејќи Стејт департментот наведе дека има силни докази дека струшкиот градоначалник бил вмешан во голема корупција, присвојувал пари и се мешал во судски и други јавни процеси, нанесувајќи им штета на демократските процеси во земјава.
За името на Рамиз Мерко, кој трет мандат управува со Општина Струга, се врзуваа многу афери и обвинувања за корупција, но ниту една не доби судска завршница.
Друштво на црната листа од април 2022 година им прават и семејствата на поранешниот премиер Никола Груевски и на неговиот прв братучед и поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков. Тие се најдоа на нишан на американските власти поради корупција и поткопување на владеењето на правото и демократските институции
Претходно непожелни за САД станаа и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Инаку, годинава на црната листа на САД се најде и македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“, бидејќи учествувала во трговија со сајбер-податоци добиени од шпионски софтвер, при што се загрозувале приватноста и безбедноста на луѓе и на компании.


Првите санкции беа воведени во 2001 година, против лица одговорни за екстремистички активности

Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во 2006 година беше санкциониран со поништување на визата за патување во САД, како и со забрана да отвора сметки. Нему забраната за патување во САД му беше укината девет години подоцна, без да добие појаснување на што се должи укинувањето на санкциите.
Она што го покажуваат досегашните искуства, тоа е дека САД внимателно ги собираат сите докази пред да излезат со нечие име на црната листа, што говори дека со ваквиот внимателен пристап не се остава простор за никакви грешки и погрешни перцепции, што, од друга страна, целосно ја отежнува евентуалната жалбена постапка. Отстранувањето на некое лице од црната листа може да се случи ако САД проценат дека тоа може да биде во нивен интерес, односно во полза на нивните геостратегиски интереси во регионот. Така, од црната листа експресно беше отстрането раководството на ОНА.
Првите санкции беа воведени во 2001 година против лица одговорни за екстремистички активности и предизвикување насилство и загрозување на стабилноста во Македонија и на други места на територијата на Западен Балкан, нивни помагачи, како и против лица што го оневозможуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор и на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност за Косово.
Во 2001 година на црната листа се најде најтесното раководство на ОНА, вклучувајќи го и Али Ахмети, но тие беа симнати од листата во 2003 година. На крајот од 2004 година, на листата беа додадени уште неколку имиња. Меѓу нив беше и тогашниот потпретседател на ДПА, Мендух Тачи, како и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.