Бугарски професор за Блумберг ТВ Бугарија аргументираше дека Р. Македонија никогаш не била бугарска

Тврдиот бугарски став за непостоење на македонскиот народ и на неговиот јазик, како и бугарската перспектива за македонската историја, сè почесто почнува да биде негиран од тамошните интелектуалци, професори, јавни личности, кои веќе отворено говорат за посебноста на македонскиот народ и за неговата држава.
Очигледно и во бугарското општество се јавува замор од постојаното пропагандно труење од страна на дел од тамошните политички елити, кои немајќи ништо друго да им понудат на бугарските граѓани, им ги продаваат романтичарските соништа за санстефанска Бугарија, од Охрид до Црно Море.
Но има и такви што веќе јавно и отворено се спротивставуваат на официјалниот бугарски став во однос на Македонија, поткрепувајќи го со проверени историски факти. Имено, бугарскиот професор Георги Фотев во разговор за Блумберг ТВ Бугарија тврди дека Република Македонија никогаш не била бугарска.
– Подвлекувам, главниот проблем е во Бугарија. Ние имаме парламентарно претставена партија, која е брутално против признавањето на Македонија. Се тврди дека Македонците се Бугари, дека таа е дел од Бугарија… Тврдат дека нема македонска нација и што сакаме сега ние? И колку од народот знае дека територијата на С. Македонија никогаш, ниту еден ден не била дел од бугарската национална држава – вели Фотев.
Со свои ставови, особено околу посебноста на македонскиот јазик, често се огласува и бугарскиот професор д-р Стефан Дечев, историчар и предавач на југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, според кого во Бугарија темата „Македонија“ е обвиткана со многу романтика и митологија, но крајно време е бугарската страна да ги прекине своите тврдења за македонскиот јазик.
– Треба да се сфати дека дијалектот е само дијалект и тој нема име. Официјалниот јазик на една држава не може да биде дијалект. Додека не се разбере дека идентитетот на една нација е динамичен и нацијата не се предава по генетички пат, секакви разговори на мешани комисии меѓу Бугарија и Македонија ќе бидат непотребни и ќе одат во слепа улица – вели Дечев.
Несомнено ова говори дека односите меѓу двете земји и воопшто меѓу двете општества ќе се подобруваат само врз основа на заемно почитување и разбирање, а не со негаторска и агресивна реторика. Од друга страна, признавањето на реалноста всушност ќе ја ослободи и Бугарија од стегите на минатото и ќе отвори перспектива за искрена соработка со Македонија, а во еден таков амбиент каков што креираат професорите Фотев, Дечев и многу други бугарски интелектуалци, голема е веројатноста Бугарија да стане првиот сојузник на земјава на нејзиниот пат кон полноправно членство во ЕУ. Низ еден таков процес, во некој следен период прашањето за впишувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе се сведе на обично техничко прашање на кое никој нема да се противи. С.Т.