Во нашата анализа ги издвојуваме клучните точки и членови преку кои Бугарија досега го има прекршено Договорот за добрососедство, кој самата го има потпишано и на кој често милува да се повикува, а на сето тоа Брисел одмолчува и толерира, уште помалку реагира, при што се добива впечаток дека Софија е стимулирана да ги прекршува меѓународното право и принципи заради нечиј внатреевропски интерес?! Но ако Брисел премолчно го толерира тоа, Вашингтон веќе со право неколкупати принципиелно реагира!

КАКО АРБИТЕРОТ ОД БРИСЕЛ ДОЗВОЛИ СОФИЈА МНОГУПАТИ ДА ГО ПРЕКРШИ БИЛАТЕРАЛНИОТ ДОГОВОР ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО

Бугарија повеќепати досега грубо го прекрши Договорот за пријателство и добрососедство, потпишан на 1 август 2017 година. Овој правен акт првично беше замислено да биде мост за соработка, пријателство и добрососедство, но официјална Софија го користи само како алатка за отворено непријателство и уцени кон Македонија, патем грубо прекршувајќи ги неговите одредби. По шест години од потпишувањето, речиси нема член во договорот што не е прекршен и злоупотребен токму од страна на Бугарија, за што предупредуваат и правните експерти и невладиниот сектор. Некои од нив одат и подалеку, па порачуваат Македонија еднострано да го раскине договорот или, пак, да поведе меѓународен судски процес поради многубројните прекршувања од страна на Бугарија.
Германската невладина организација „Џаст аксес“, која е специјализирана за меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, посочува дека уште со ветото и уцените Бугарија грубо го прекршила билатералниот Договор за пријателство, во кој јасно е наведено дека Софија нема да го попречува патот на Македонија кон ЕУ.

– Билатералниот договор недвосмислено ги обврзува двете држави да развиваат сеопфатни односи во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството, но Бугарија го прави токму спротивното, погазувајќи ги и договорот и меѓународното право – тврдат експертите.
Во продолжение издвојуваме преку кои точки и членови Бугарија го има прекршено договорот за добрососедство, кој самата го има потпишано и на кој често милува да се повикува
Во членот 1 од договорот се вели дека двете договорни страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството. Овој член е грубо прекршен бидејќи Бугарија воопшто не ги почитува постулатите на меѓународното право и поттикнува отворено непријателство кон Македонија.
Во членот 2 став 2 се вели дека двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. И овој член е грубо прекршен од страна на Бугарија, која на секој можен начин (патем и преку ветото и уцените) ја попречува европската интеграција на Македонија.
Во членот 9 се вели дека двете договорни страни ќе прават напори за слободно распространување информации, преку поттикнување и развивање соработка во областа на средствата за јавно информирање. И овој член е прекршен од страна на Бугарија бидејќи не дозволува никаков пробив, сигнал и емитување вести и информации од Македонија во Бугарија. И покрај тоа што Македонија дозволи бугарски телевизии да емитуваат програма во Македонија, сѐ уште нема реципроцитет и емитување на македонски емисии во Бугарија. Најново, Бугарија најавува и отворање серија портали што ќе шират бугарска пропаганда во Македонија.
Во членот 11 став 1 се вели дека ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја што имаат непријателски карактер. И овој член е прекршен од Бугарија повеќекратно и на различни начини. Конкретно Бугарија почна да отвора бугарски клубови во Македонија со имиња на фашистички и нацистички соработници, што е израз на непријателски карактер, потоа постојано упатува навредливи и провоцирачки пораки кон нашата земја.

Во членот 11 став 2 се вели ниту една од договорните страни нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата од организации и групи што имаат за цел извршување субверзивни, сепаратистички дејства и дејства што се закана за мирот и безбедноста на другата договорна страна. И ставот 2 од членот 11 е прекршен од Бугарија, за што пример се редица дејства и инциденти што Софија ги поттикнуваше изминатиот период и кои се отворена закана за мирот и безбедноста во Македонија. На пример, инцидентот при бугарско чествување на Мара Бунева во Скопје, провокациите и инцидентите при чествувањето на ликот и делото на Гоце Делчев, инцидентот со навивачите на Левски итн.
Во членот 11 став 3 се вели дека двете договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга. Ова е веројатно најгрубо прекршената одредба од Договорот за добрососедство. Бугарија изминатите години во многу наврати на јавна сцена манифестираше територијални претензии кон Македонија. И сето тоа го правеа високи бугарски политичари.
Во членот 11 став 4 се вели дека секоја од договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани на територијата на другата договорна страна, во согласност со меѓународното право. И оваа одредба Бугарија грубо ја прекршува токму преку прекршувањето на одредбите на меѓународното право и неспроведувањето на 16 пресуди на Судот во Стразбур, кој бара остварување на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Конечно, во членот 13 од договорот се вели дека секоја договорна страна може да го раскине договорот со испраќање писмено известување до другата договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на таквото известување. Тука клучно прашање е уште колку прекршувања на договорот од страна на Бугарија треба да се случат за некој да испрати известување за неговото непочитување од страна на Бугарија, што пак е легитимна правна основа и за негово раскинување.