Конечно највисоката судска инстанца во земјава доби прв човек
По осум рунди гласање во три дена и откако сите претходни кандидати за прв човек на Уставниот суд не ја добија довербата на судиите, конечно на последната седница судијата Дарко Костадиновски беше избран за нов претседател на Уставниот суд на Република Македонија.
Изборот на Костадиновски следуваше откако на претходната претседателка Добрила Кацарска ѝ истече тригодишниот мандат.
– Во текот на седницата се одржаа два круга на гласање, при што прво беше предложен судијата проф. д-р Осман Кадриу, кој не го доби потребното мнозинство од шест гласа. Во вториот круг на гласање, по предлог на судијата проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, судијата Костадиновски го доби потребното мнозинство, по што е избран за претседател на Уставниот суд на Република С. Македонија и го започнува мандатот како претседател на Уставниот суд – се наведува во соопштението.
За потсетување, претходно Уставниот суд во повеќе обиди не успеа да избере наследник на Добрила Кацарска, чиј мандат заврши на 2 јуни. Седницата за избор на претседател почна на 30 мај, а вчера судијката Ана Павловска-Данева, која претходно не го доби потребното мнозинство, ја повлече кандидатурата со цел да не се доведе државата во уставна криза. Нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева не го доби потребното мнозинство, по што уставните судии гласаа за судијата Осман Кадриу, кој исто така не го доби потребното мнозинство. Од Уставниот суд информираа дека судијката Васиќ-Бозаџиева во сите гласања во кои била предложена добила пет гласа. Исто толку гласа во осмото гласање добил и судијата Кадриу. Причината за поделеноста на гласовите, од Уставниот суд ја објаснуваа со тоа дека судиите гласале по сопствено убедување и дека гласањето „за“ или „против“ е нивно лично убедување.
Кус пресек на професионалната кариера и ангажмани на новоизбраниот
претседател на Уставниот суд
Дарко Костадиновски е избран за судија во Уставниот суд на 11 јануари 2018 година. Роден е на 27.11.1974 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во 1997 година.
Во 2008 година станува магистер на правни науки, а во 2012 година и доктор на правни науки.
Магистерската теза ја одбранил на темата „Меѓународната арбитража во современите меѓународно-политички односи (на граница помеѓу правото и политиката)“.
Костадиновски докторирал на темата „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици на советодавните мислења на судот“.
Од 2001 година до јануари 2018 година работи во кабинетот на претседателот на Република Македонија. До 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика и како раководител на Одделението за ЕУ и НАТО.
Од 2010 до 2018 година е државен советник за надворешна политика. Од 2015 до јануари 2018 година ја извршува должноста пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.
Има учествувано на голем број меѓународни и регионални самити, конференции и форуми од областа на меѓународното право, особено во рамките на Обединетите нации и Советот на Европа, како и дипломатска академија и обука во рамките на „Ворлд лрнинг“, во САД.
Автор е на книгите: „Меѓународна арбитража“ (2008 година), „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени – Советодавните мислења и нивните импликации“ (2015 година), „Сведоштва од три претседателски кабинети“ (2019 година), „Лојалност кон Уставот – Издвоени мислења на судијата д-р Дарко Костадиновски“ (2021 година), „Лојалност кон Уставот-2 Дилемите на конституционализмот“, толкување на Уставот (2023 година) и „Лојалност кон Уставот-3 Живиот конституционализам“ (мај 2024 година). С.Т.