Фото: Игор Бансколиев

Иако податоците покажуваат паѓање на бројот на смртните случаи и на заболените со потешки симптоми од коронавирусот, сепак од СЗО предупредуваат дека новите варијанти и понатаму можат да го поткопаат прогресот што е направен досега И досега, еуфорично од разни фактори, се најавуваше крај на пандемијата, но мерката претпазливост е она на што, според упатените, и понатаму треба да се обрнува значително внимание кога станува збор за оваа тема

ПОВТОРНО ДВОСМИСЛЕНИ ПОРАКИ ОД СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Дека светот се наоѓа во досега најдобрата можна позиција да прогласи крај на пандемијата на коронавирусот е последната порака испратена од Светската здравствена организација (СЗО), која во јавноста, исто како и многупати досега, беше пренесена речиси како најава дека пандемијата завршува. Но, со оглед на тоа што на глобално ниво, но и на ниво на одделни држави, веќе неколкупати досега од разни фактори еуфорично се најавуваше крај на пандемијата, мерката претпазливост е она на што, според упатените, и понатаму треба да се обрнува значително внимание кога станува збор за оваа тема. Сепак, во Македонија се добива впечаток дека тоа би требало да биде затворена тема, без оглед на двосмислените пораки, кои не доаѓаат првпат од Светската здравствена организација.
Имено, директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, пред некој ден на прес-конференција истакна дека бројот на смртни случаи од коронавирусот низ светот минатата недела бил најмал од почетокот на пандемијата во март 2020 година. Тоа, според него, може да претставува пресвртна точка во повеќегодишната глобална здравствена криза, на која светот се наоѓа во досега најдобра можна позиција да го запре ковид-19.
– Сѐ уште не сме стигнати дотаму, но се гледа крајот. Сега е најлошото време да се прекине со трчањето. Напротив, сега треба да се трча уште посилно за да се осигуриме дека ќе ја преминеме целта и ќе ја добиеме наградата за нашата напорна работа – изјави Гебрејсус, зборувајќи за глобалните напори за справување со вирусот.
А каков впечаток остави оваа порака и каква е моментална ситуација во Македонија е прашањето што го упативме до микробиологот Никола Пановски.
– Да, тие рекоа дека сега се наоѓаме на почетокот на крајот на пандемијата, но мислам дека кај нас тоа се случи уште во мај. Ние, оттогаш, цело време имаме релаксирана состојба во однос на пандемијата. И извештаите говорат дека вирусот е сѐ помалку вирулентен, а сѐ поголем е бројот на луѓето што го прележале без посилни симптоми. Но тоа, се разбира, не важи за сите земји, бидејќи, како што гледаме, во Кина, на пример, проблемот сѐ уште е сериозен – објасни Пановски.

Здравствените власти во земјава, пак, засега се воздржани во однос на оцените за состојбата со пандемијата на коронавирус и, главно, се ограничуваат на дневно информирање за бројот на заболените, починатите, оздравените…
Па, така, во согласност со податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство во петокот информира дека во претходните 24 часа биле направени 656 теста, при што биле регистрирани 89 нови случаи на ковид-19, и тоа најмногу во Скопје, и 26 реинфекции.
Пријавено било и едно починато лице од Струмица, на 71-годишна возраст.
Од почетокот на пандемијата до крајот на неделата што измина, во земјава биле направени вкупно 2.161.598 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на пандемијата изнесувала 342.075, бројот на оздравени пациенти бил 331.865, на починати 9.521, а бројот на активни случаи изнесувал 689.
Но во регионот, каде што бројките се со приближно иста тенденција, пораките од СЗО не поттикнаа оптимизам ниту во пошироката ниту во стручната јавност. Хрватскиот епидемиолог Крунослав Цапак, на пример, излезе со мошне воздржана изјава, според која соживот со коронавирусот и повремено вакцинирање и понатаму се најизгледната опција.
– Истовремено, од истата таа Светска здравствена организација доаѓа и пораката дека пандемијата не е завршена и дека треба да бидеме внимателни, при што на располагање ги имаме двете моќни оружја, вакцината и антивирусните лекови. Од претходно ни се познати и класичните епидемиски механизми, какви што се хигиената, дистанцата и слично. Со оглед на падот на бројот на хоспитализациите и на морталитетот, како и на варијантата омикрон, која е високозаразна, но не предизвикува тешки заболувања, се зборува за завршување на пандемијата и за приспособување, сметајќи на тоа дека популацијата ќе сфати оти во некои периоди ќе треба да се вакцинира како што тоа го прави и за сезонскиот грип. Никој не знае што ќе следува, но доколку варијантата омикрон остане и понатаму доминантна, тоа ќе значи соживот – објасни Цапак.

Инаку, во последниот неделен извештај на СЗО податоците покажуваат дека бројот на смртните случаи паднал за 22 процента во текот на минатата недела. Истовремено имало 3,1 милиони нови случаи, што е намалување за 28 отсто и продолжение на трендот на опаѓање на заболените од вирусот во секој дел од светот.
Сепак, од СЗО предупредуваат дека опуштањето во тестирањето и мониторирањето на ковид-19 низ многу држави значи и дека голем број случаи поминуваат нерегистрирано. Организацијата објави сет мерки за владите, за тие да ги засилат напорите против коронавирусот пред очекуваниот раст во есенскиот и зимскиот период, предупредувајќи дека новите варијанти и понатаму можат да го поткопаат прогресот што е направен досега.
За потсетување, мошне оптимистички изјави во однос на прогласувањето крај на пандемијата беа давани и на почетокот од годинава, по што во текот на пролетта ситуацијата беше значително влошена. Д.М.М.