За идеалот за слободна и независна Македонија, илјадници знајни и незнајни Македонци го посветија целокупното свое битисување, а меѓу нив е и кратовецот Павел Шатев. Под влијание на анархистичките и другите левичарски идеи, Шатев се оформил како бунтовничка личност, како негатор на секое угнетување, експлоатација и искористување на секој човек, без разлика на народноста и религиската припадност

Од историските архиви: 73 години од смртта на Павел Шатев

Во македонската национална меморија Шатев останува запаметен како еден од гемиџиите и како човекот што го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“, чин со кој започнуваат солунските атентати во 1903 година. Но Шатев е многу повеќе од еден анархист, а тоа се потврдува и од неговата подоцнежна револуционерна активност, кога се пројавува како еден од основачите на ВМРО (обединета), како и прв македонски министер за правосудство. Постојат одредени укажувањата дека Шатев соработувал со одредени структури на поранешниот Советски Сојуз, но факт е дека низ повеќедецениската револуционерна активност имал контакти и соработка со многумина, вклучувајќи ги и контроверзниот Борис Сарафов, бугарскиот премиер Александар Стамболијски и Коминтерната. Во тие активности на Шатев нема ништо спорно, бидејќи сите негови контакти и соработка биле врз принципот оформување на Македонија како независна држава, односно соработувал со сите што го поддржувале тој идеал.

Гемиџија

Шатев е роден е во 1882 година во Кратово. Почетното образование го добил во родниот град, а потоа од 1892 година во Скопје, кое го завршил во 1896 година, а средното образование го продолжил во Солунската гимназија. Таму станува дел од гемиџиите, група со крајно индивидуалистички убедувања. Групата била самостојно основана и дејствувала независно од Македонската револуционерна организација (МРО). Основното јадро на групата се состоело претежно од младинци од Велес, ученици во Солунската гимназија. Групата била основана во 1899 година од Јордан Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Илија Трчков, Владимир Пингов и др. Подоцна кон нив се приклучиле Павел Шатев и Марко Бошнаков. Гемиџиите се стремеле да извршат редица атентати врз железничките линии, турските достоинственици и европските банкарски институции. Преку тие терористички акции се надевале да предизвикаат интервенција на големите европски сили и автономија за Македонија.
Не можејќи да го поднесат страдањето на својот народ од турската тиранија, гемиџиите решаваат да преземат дејства преку кои ќе го актуализираат македонското прашање во Европа. Со таа цел решаваат да извршат напади врз објекти на европскиот капитал во Турција, а по можност и да се всее колку што може повеќе хаос во градот преку напади врз државни објекти. Гемиџиите сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и дека преку нивните поединечни акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење. Атентатите во Солун првенствено биле насочени против Европејците и европските институции, како закана и казна поради невмешувањето на европските нации во име на христијаните во Македонија. Отоманската банка главно била поседувана од Французи и Италијанци, како што посочува Фредерик Мур, кој бил во Солун и во Македонија кога биле извршени атентатите.
На 28 април 1903 година, околу пладне, во близината на солунското пристаниште, Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Таа акција излегла двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Поради таа акција бил уапсен и на судскиот процес бил осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор „Еди Куле“, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По краткиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде што студира на Правниот факултет.

Верен приврзаник на идеалот за независна Македонија

По Првата светска војна се оформува како истакната личност во македонската емиграција во Бугарија. Бил претставник на Кратовското братство на основачкото собрание на Сојузот на македонските иселенички организации, одржано во Софија, од 22 до 25 ноември 1918 година.
Во декември 1921 година на првиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација бил избран за нејзин претседател. Тој одржувал добри контакти со владата на Александар Стамболијски. Во 1922 година, Шатев преку мисијата на рускиот црвен крст во Бугарија ги поврзал ММФ и Коминтерната, а во јуни 1923 година Филип Атанасов и Славе Иванов разговарале во Москва со Карл Радек, Георгиј Чичерин и Михаил Трилисер. Во меѓувреме, во јануари 1923 година бил делегат на обединувачкиот конгрес на Македонската федеративна организација и Сојузот на македонските емигрантски организации од јануари 1923 година. Подоцна истата година емигрирал во Виена, каде што стапил во контакт со советската амбасада и се ставил во служба на Коминтерната како разузнавач.
На 1 октомври 1925 година Шатев присуствувал на основачката конференција на ВМРО (обединета) како претставник на македонските братства во Бугарија и на македонската емиграција во Турција. На конференцијата Шатев истакнал дека организацијата треба да дејствува меѓу населението, меѓу емиграцијата во Бугарија и меѓу емиграцијата во странство. Исто така, според него, не само Мајскиот манифест може да се користи како идеолошка основа, туку и Меморандумот на Илинденската организација. Во 1926 година Шатев пристигнал во Цариград, каде што се обидел да создаде комитет на организацијата под маската на младинското спортско друштво „Гоце Делчев“, но тој обид бил спречен од членовите на михајловистите.
На првата редовна конференција, свикана во есента 1929 година во Берлин, се случила официјална поделба. Некои од активистите на ВМРО (обединета), меѓу кои и Павел Шатев, ја напуштаат прокомунистичката организација и на конференција во Цариград се обидуваат да создадат нова организација. Во 1931 година Шатев се враќа во Бугарија, од 1934 година работи како адвокат, а во тоа време се посветува и на новинарството. Во 1936 година бил сведок на судскиот процес против ВМРО (обединета).
На 1 ноември 1938 година Шатев го објавил „Прогласот на македонската јавност до светското јавно мислење“ со барање за создавање „слободна и независна Македонија, со еднакви права за сите Македонци, без разлика на вера и потекло“.

Прв македонски министер за правда

Во годините на Втората светска војна, 1939-1945 година, се занимава со комунистичка конспиративна дејност. Во 1941 година бил интерниран, а во 1942 година бил уапсен и осуден во судскиот процес против ЦК на БРП на 15 години затвор. Павел Шатев е ослободен на 8 септември 1944 година, кога поради амнестија излегол од затворот во Ќустендил.
По завршувањето на војната доаѓа во вардарскиот дел на Македонија и учествува во политички живот. Во септември 1944 година во Софија го потпишал „Апелот до Македонците во Бугарија“, а на 27 октомври 1944 година бил делегат на АСНОМ. Со наредба бр. 16, од 17.1.1945 година, на Министерството за внатрешни работи на Бугарија, Шатев е одобрен за член на Македонскиот научен институт. Во првата македонска влада (1945) бил избран за министер за правда, а во 1946 година за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На првите избори за парламентот на Југославија е избран за пратеник.
Веќе во немилост, по резолуцијата на Информбирото и раздорот меѓу Тито и Сталин, на 1 октомври 1948 година Павел Шатев и Панко Брашнаров напишале извештај за состојбата во Вардарска Македонија до водачите на СССР и Бугарија, Сталин и Димитров. Во 1949 година бил уапсен „како потенцијален непријател на државата“ и отстранет од политичкиот живот. Во затворот „Скопје“ бил задржан 11 месеци, а потоа интерниран во Битола, каде што до смртта бил во домашен притвор. На 30 јануари 1951 година Шатев бил пронајден мртов. Д.Ст.


Сотир Костов: Тоа е нашиот Мандела

Сотир Костов, аналитичар и истражувач, за него вели дека по многу нешта е специфичен, автентичен, оригинален – еден и единствен. Кога само ќе се присетам колку години поминал во затвори и логори, а останал жив и ги преживеал, си велам тоа е нашиот Нелсон Мандела, нагласува Сотир Костов.
– Кога, пак, помислувам на неговиот бурен живот на динамиташ, прогласен за терорист, револуционер, министер, не можам а да не констатирам дека тој е нашиот Че Гевара. Кога, пак, му ги читам револуционерните мисли за Македонија и Македонците, за слободата и за човековите права и кога ја гледам неговата слика со очила ленонки, си велам тој е нашиот Џон Ленон. Неодоливо ми е чувството дека во неговиот револуционерен рокенрол има голема доза изворен и тажен македонски блуз – народен блуз, одживеан од напатениот Македонец низ вековите и милениумите – вели Костов.