Македонскиот владика Агатангел, за Нова Македонија

Не може нешто да биде општо и корисно и наедно да добие димензија на универзалност што ги обврзува сите доколку неговата суштина е легната врз хедонизмот и егоизмот. Правото не може да биде разбрано како бескрајна распуштеност, напротив, и во него треба да биде поставена рамката на самоконтролата, бидејќи таму каде што владее себичноста, различниот и другиот се претвора во средство за употреба, во некаков ресурс за искористување, а човековите права стануваат алатка во индустријата на стравот и ужасот

Кога идејата за човекови права ќе се претвори во изговор за прогон, тогаш неминовно изртува никулец на злокобен тоталитаризам, кој неповратно и незапирливо ќе почне да се шири во сите пори на општеството. Остварувањето на човековите права е благороден и свет напор на човештвото, околу овие прашања никој нормален не смее да имаа никакви дилеми и воздржувања, но, сепак, треба да се биде внимателен за да не те занесе оваа идеја во некоја друга крајност, во некоја мрачна зона, каде што ќе бидеш повреден и ти самиот, но и оние од твојата посредна и непосредна околина. Повредувајќи ги другите, и ти самиот ќе останеш со неизлечива рана на срцето. Ова особено треба да ни биде јасно на сите!
Чувствувајќи немоќ и пораз од сè позачестеното противење на јавноста околу планот за тивко протнување на новиот закон за родова еднаквост, министерката Тренчевска и опскурните невладини организации, пишувачи на овој закон, кои се самопрегорни подизведувачи на мрачните сили од овој свет, немајќи аргументи што ќе ги спротивстават на нашите логични и нормални ставови, прибегнаа кон обични квалификации без никаква основа и отворено нè обвинија дека сме биле недоветни, прости и неинформирани, дека реториката ни била спротивна на принципите на човековите права, дека сме имале патријархални сфаќања, дека сме биле полни со стереотипи и предрасуди, дека не сме ги прифаќале различностите и сме имале дискриминирачки ставови за различноста и, на крајот, веројатно понесени од некоја еуфорија, ни одредија дека сме биле дури и ксенофобични.
Ова последново никако не може да се поврзе со контекстот на расправата, ама е убава илустрација за духот што моментално владее со ова министерство. Големиот руски писател и нобеловец Александар Солженицин, кој и тоа како на свој грб го има почувствувано камшикот на деспотизмот од советско време и кому со децении силно му биле прекршувани правата, ќе рече дека човековите права единствено може да имаат смисла и вистински да се остварат само доколку покрај нив паралелно се движи и афирмира етиката на самоограничувањето. Не може нешто да биде општо и корисно и наедно да добие димензија на универзалност што ги обврзува сите доколку неговата суштина е легната врз хедонизмот и егоизмот.
Правото не може да биде разбрано како бескрајна распуштеност, напротив, и во него треба да биде поставена рамката на самоконтролата, бидејќи таму каде што владее себичноста, различниот и другиот се претвора во средство за употреба, во некаков ресурс за искористување, а човековите права стануваат алатка во индустријата на стравот и ужасот. Ова особено треба да го имаат предвид нашите народни пратеници кога пред нив на гласање ќе биде поставен овој одвратен закон за родова еднаквост, чија единствена амбиција е да избрише во нас сè што е човечко, а на жената со еден потег да ѝ го одземе секое право што во изминатите стотина години преку голем број лични напори било остварувано и унапредувано.

Овој закон ги напаѓа сите, особено најмладите, чија совест и идно однесување се основната целна точка на овие пропишани лудости. По овој закон, мајката ќе престане да биде воспитувач на својата ќерка, а таткото на својот роден син, бидејќи оваа улога ќе биде преземена од првоврховниот секретаријат, кој ќе надгледува, казнува и пропишува што е морално исправно, а што треба итно да биде залепено во „лошото ќоше“. Секретаријатот што ќе го надгледува спроведувањето на овој закон, како некаква натчовечка деспотска организација, ќе има право да влегува дури и во сигурноста на домовите, ќе ја поткопува приватноста, ќе диригира и одредува, а потоа и насилно, преку уцени и закани, инвазивно ќе го напаѓа личното мислење, како последна слободна територија на личноста. Ова што го зборувам не се некакви религиозни догми со кои нè плаши министерката Тренчевска, туку се биолошки и цивилизациски аксиоми, кои од почетокот на создавањето на човекот, па низ многубројните милениуми на неговото постоење, се добро проверени и емпириски утврдени.
Последниот бедем пред уривачката навала на овој закон е македонското собрание, со сите негови комисии, тела и органи. Дури сега ќе видиме од каков материјал се изградени пратениците. Ќе видиме на дело дали навистина се народни пратеници или, пак, се обични уплашени субјекти, без свој став, визија и човечки интегритет.
Сега не е време за поделби на табори, на десни и леви, на социјалдемократи и конзервативци. Деновиве некои од владејачките социјалдемократи отворено се спротивставија на овој закон, како на пример градоначалникот на Струмица, истото тоа го сторија и конзервативците, кои застанаа рамо до рамо со својот народ, односно на страната на нормалноста. На сите им е јасно дека преку законот за родова еднаквост не се унапредува ниту едно женско право, туку им се одзема и она што низ годините макотрпно им било стекнато и изборено. Пред нашите пратеници е исправена огромна одговорност. Политикантството, со сите негови трикови, поделби и расправии, треба да биде оставено настрана, бидејќи е крајно неделотворно.
Ако помине овој закон, тогаш Македонија нема повеќе да биде истата држава. Во нејзините пазуви трајно ќе се востоличи систем на демократски деспотизам, па колку сето ова да ни изгледа контрадикторно и нелогично. Сега е вистинското време да се одговори на повиците на здравиот разум. Европа не е дотолку исправна во сè што ќе ни сервира и презентира. Навистина, ние како народ и држава имаме многу проблеми и слабости. Многу нешта треба да смениме и надминеме. Но, сепак, Европа не е безгрешно божество или некаков тотем околу кого беспоговорно треба да кадиме и да принесуваме крвни жртви. Еве, како илустрација за ова што го говорам, да ја земеме Швајцарија, како една од најуредените и најнапредни земји во светот. Таа, за кантонални прашања, право на глас на жените им дозволила дури во 1991 година.

Напредниот Лихтенштајн, општо право на глас на жените им дал во 1984 година. За разлика од нив, во Македонија жените ја имаат оваа слобода уште од 1945 година.
Не сакам да бидам погрешно разбран, не сметам дека ние сме репер за човекови права во овој свет, но исто така и не е во ред во сè да се понижуваме себеси. Не е во ред без размислување да прифаќаме сè што ќе ни долета од страна. Умниот човек не гледа на светот како на црно-бел ентитет. Од секого може да се учи, дури и туѓата грешка понекогаш треба да се купи и обработи. И така, преточена и исчистена од саги и наслаги, да му се принесе на нашиот народ како чиста цивилизациска придобивка од која ќе крепне и напредува битието на општеството. Кон античовештвото, што од демонот како мени постојано ќе ни се предлага и сервира, треба да застанеме цврсто и решително. Кон ваквите предлози не смееме да бидеме незаинтересирани и неодредени. Не смееме да бидеме млаки и блуткави, бидејќи таквата храна е одвратна и безвкусна, и природно бива исфрлена од организмот.
Вчера, секретаријатот во најава си го покажа своето вистинско лице уште пред да почне „законски“ да постои. На владиката Јаков, поради неговиот личен став, му се заканија со прекршочна пријава идните тоталитарни деспоти, идните господари на мислата во нашето општество.
Ова, колку и да ни изгледа парадоксално, сепак ние го доживуваме како благослов. Добро е да се види каква би ни била реалноста ако го востоличиме неосталинизмот. Оваа ненародна влада, покрај раскусурувањето на сите национални интереси на македонскиот народ, на своите еполети си придодаде и нова ѕвездичка. Сега, и официјално е прогонител на црквата. Но, нека не се залажуваат дека некако ќе нè спречат или уплашат. Нека им биде јасно дека за век и веков ќе ги паметиме како апостати и противници на вистината и нормалноста.
Македонската православна црква-Охридска архиепископија на 29 јуни, во 18 часот, пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, закажа мирен протест со надеж дека конечно ќе завладее разумот и дека целосно ќе биде запрена постапката за донесување на овој ужасен и погубен закон. Би сакал да го повикам македонскиот народ и сите други народи што живеат и растат со своите семејства во нашата заедничка татковина Р Македонија, масовно да излезат и да присуствуваат на овој јавен собир, на кој ќе биде испратена силна порака за тоа дека не сакаме да живееме во експериментално општество, каде што секоја настраност ќе си најде свое засолниште.

Не сакаме нашата земја, преубавата Македонија, да се претвори во депонија каде што ќе биде исфрлана секоја нечистотија. Овие одвратности, кои со овој закон ни се предлагаат, не може да ги испере ниту една вода. Нив не ги разградува ниту од Бога благословената и хармонична природа. Добредојдени се сите, и млади и стари, и учени и неучени, и христијани и муслимани. Во прашање е иднината, во крајна опасност се нашите деца. Ако не смогнеме сили и не преземеме соодветни мерки против ова зло, тогаш за кратко време сите ние, колективно, ќе нема да можеме да го разликуваме црното од белото, правото од неправото, доблеста од гревот, а се плашам дека дури ниту животот од смртта.

Бог да ги благослови и сочува македонскиот народ и сите други народи што живеат и опстојуваат во библиска Македонија!

Митрополит Повардарски Агатангел (Станковски)