Дали внатрешните и меѓудржавните проблеми на земјите од регионот треба да се решаваат со „специјални“ дипломатски средства

МАЛИТЕ ИГРИ НА ГОЛЕМИТЕ СИЛИ

Во битката за Западен Балкан помеѓу Западот и Истокот, која уште пред извесно време ја најавија голем број добри познавачи на состојбите во регионот, а што во голема мера се потврди и со дејствување на големите сили на овдешните простори, во текот на изминатата година, беа воведени и некои дополнителни механизми. Еден од нив беше и именувањето редица таканаречени „специјални претставници“ за Западен Балкан, пред сѐ од страна на западните сојузници, што, впрочем, не е некоја новина во дипломатијата.

Специјални претставници за Балканот

Забележливо е што речиси во ист период Вашингтон, Лондон и Брисел назначија свои специјални претставници во ликовите на искусните дипломати и добри познавачи на регионот Габриел Ескобар, Стјуарт Пич и Мирослав Лајчак, декларирајќи притоа дека сега настапуваат заедно. Таквиот настап, сосема разбирливо, не ѝ се допаѓа на втората заинтересирана страна, поради што сѐ почесто проруските медиуми во регионот наоѓаат свои аргументи против таа форма на дипломатија, поставувајќи ги, меѓу другите, и прашањата кој на Балканот е стабилизатор, а кој дестабилизатор, чуму сите тие посредници, претставници…
– Кога станува збор за специфичните, потесни теми, се посегнува кон специфични специјални алатки, какви што се пратениците. Во нашето време, сметам дека тоа има врска и со јавната дипломатија за, во исто време, да се нагласи важноста на темите и да се покаже дека одредени влади му посветуваат големо внимание на одредено прашање. Така, тие луѓе, вообичаено, добиваат некакви специфични овластувања какви што ги немаат стандардните дипломати. Се разбира, сметам дека многу подобро ќе ни биде кога веќе ќе ги нема специјалните пратеници – јасно го става до знаење своето мислење во јавноста дипломатот од кариера и автор на неколку дела од областа на дипломатската историја Душко Лопандиќ.
Но како сето тоа изгледа од македонска перспектива, која во одредени сегменти, сепак, би требало да се разликува од српската. Тоа, пред сѐ, се однесува на статусот на Македонија како земја-членка на НАТО, што не важи и за Србија, која прокламира одредена неутралност во однос на воените сојузништва, но и на фактот дека последнава сѐ уште е оптоварена со повеќе територијални прашања, што за Македонија, барем од нејзината страна, никогаш не било проблем. Токму тоа, според упатените, ја прави разликата во изборот дали внатрешните и меѓудржавните проблеми на земјите од регионот треба да се решаваат со разни, па дури и „специјални“ дипломатски средства или на други начини.

Специјалните претставници со специјални задачи

Следствено на тоа, во случајот на Македонија, прашањето се сведува на оцените дали и колку, покрај редовните, се потребни и специјални западни дипломати на овие простори.
– Да, тоа се практикува, но во нашиот случај, прашање е дали тоа дава плод или само внесува забуни. Во една добро организирана дипломатија, со конзистентна надворешна политика, такви практики не се потребни. Тие служат само за да го одложат решавањето на проблемите и нивниот ефект е рамен на нула – вели поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов.
Но има и поинакви мислења. Едно од нив го образложува, исто така, поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
– Назначувањето специјални пратеници од страна на големите сили заради решавање одредени проблеми е стара практика, која се покажала како корисна. Редовната дипломатија, сепак, има одредени ограничувања, бидејќи е во рамките на одредени стандарди што, практично, не дозволуваат посебни ангажмани и, ако сакате, погрубо мешање во внатрешните работи на земјите на акредитацијата. Од друга страна, овие специјални пратеници претставуваат и одредено силување на земјите и регионите што ги третираат. Вообичаено, тие наметнуваат решенија што не се прифатливи за овие државни и региони. Но, во целина, тие се неизбежна практика што носи резултати. На земјите што не се способни да ги решаваат своите проблеми, овие лица им доаѓаат како присилна совест додека за испраќачите тие се алатка за реализација на нивните интереси – констатира Никовски. Д.М.М.