Фото: Игор Бансколиев

Токму со непро­мис­ле­ни­те меѓусебни дого­варања на ре­гио­нал-ните лидери, нивните изјави или ветувања, преточени во „До­го­во­ри„ чии клаузули даваат можност да бидат дијаметрално спротивно толкувани, па и да содржат замки и непремостливи пречки, се продуцираат конфлик­ти и конфронтации што се прелеваат меѓу народите, задојувајќи ги со непотребна нетрпеливост и агресивен национализам… Кога, пак, кај лидерите во одредени историски периоди го нема политикантството, кога замираат анахроните мегало­­државни идеи, обичните луѓе низ целиот Балкан одлично се разбираат и функционираат…

Кревање на политичкиот рејтинг, задржување на власта или излегување во пресрет на одредени влијанија на големите светски сили што на овие простори ги остваруваат своите геостратегиски влијанија, давајќи надеж за „неотсонувани историски сништа“, може да се главните причини за однесувањето на политичките гарнитури во Бугарија изминатите децении, поради што истите тие политичари проблемите ги рефлектираат и врз народот, кој наместо да се зближува, дополнително се оддалечува.
Основата за таква вина и со „аргументите на силата на посилниот за наметнување на таквите состојби“ најмногу лежи на страната на Бугарија, која одбивајќи да го прифати постоењето на македонскиот народ, јазик и историја, директно потхранува и одредени структури во земјава повремено, испровоцирани од нихилистичките ставови на официјална Бугарија, да вратат со антибугарска рефлексија и да играат на антибугарската карта на навреди. Но, за разлика од бугарската страна, тоа многу поретко се случува.

Ја храбри ли некој Бугарија да го оствари „санстефанскиот сон“?

Најновата блокада на официјална Софија на македонските пристапни преговори со Европската Унија е само дополнително лицемерството на земјата, која соседниот народ го именуваше како „братски“, истовремено условувајќи го неговото напредување со негово себенегирање и прифаќање на толкување на нештата видени само низ бугарска призма.
Некои од аналитичарите во земјава и регионот ваквото однесување на Бугарија го толкуваат само како обид на актуелната власт, на чело со премиерот Бојко Борисов, која се соочува со антивладини протести во земјата, преку повторното иницирање на „македонското прашање“ да се одржи на власт и да си го крене рејтингот во пресрет на тамошните избори.
Од друга страна, некои западни аналитичари не ја исклучуваат можноста Софија во континуитет по ова прашање да е во тесна врска со Русија, која сака да го задржи влијанието на Балканот. Аналитичарите се сомневаат во тоа дека глобалните игри вклучуваат во себе и комбинаторики за влијание на Балканот и одредени влијателни кругови на Истокот „потајно ја храбрат Бугарија да го оствари санстефанскиот сон, преку долгорочна блокада на евроинтеграцијата на Македонија“, што, според нивните замисли, би довело до нејзин распад и приклучување на дел од нејзината територија кон Бугарија?!
На тоа наведува и нивното апсурдно барање Македонците да прифатат дека се Бугари, дека нивниот јазик потекнува од бугарскиот, нивните историски личности се бугарски, дека нивниот идентитет е бугарски, што всушност претставува прв чекор кон целосната асимилација, нешто што не успеаја да го остварат во минатото со воена сила, сега се обидуваат со дипломатска офанзива. Токму таквото прифаќање на нашето „бугарско“ потекло утре ќе им го даде и правото за територијално припојување.

Неодмерената реторика на официјална Софија предизвикува слична реактивна реторика

Неразбирливата бугарска политика, проследена со неумесна реторика, зачинета со говор на омраза, наидува на отпор во Македонија, па некои од политичките структури во земјава како реакција на ваквите бугарски „аргументи“ користат реторика за спроведување антибугарска кампања. Тоа, пак, директно влијае и врз соработката меѓу двете земји во сите сфери, од економската, културната, здравствената, образовната… Можеби единствено така и може да се објасни нереализираната пруга кон Бугарија, која и по 30 години никако да мрдне од мртва точка, како и релативно малиот број бугарски инвестиции во земјава.
Токму меѓусебните конфронтации и игри на политичарите, обидувајќи се да ги наметнат и меѓу народот, задојувајќи го со непотребен агресивен национализам и градејќи нетрпеливост меѓу граѓаните, прават невиден „курцшлус“ меѓу народите, застој во односите и штета што со децении и столетија не се исправа. Кога, пак, кај лидерите во одредени историски периоди го нема политикантството, кога замираат анахроните мегалодржавни идеи, обичните луѓе низ целиот Балкан одлично се разбираат и функционираат.

– Неколку години по ред одам со семејството на зимување во Банско. Таму со луѓето имам изградено прекрасни односи. Никој никогаш не ми забележал кога ќе се кажам дека сум Македонец, колку пати во хотелот музичарите свиреле и македонска музика, дури и самиот се зачудив колку наши песни знаат. Досега не сум имал никаков проблем – вели Андон Герасимовски од Скопје.
Според него, да не се политичарите, луѓето на Балканот ќе живеат братски.
– Политиката е таа што ги заладува односите меѓу луѓето. Ако нема политички игри, луѓето ќе си функционираат одлично. И меѓу Македонците има лоши и добри луѓе, и меѓу Грците, и меѓу Србите, Албанците, Бугарите… Наместо да си помагаме во вакви тешки времиња, ние си ставаме пречки, остануваме заглавени во историјата, демек таа ќе ни донесе подобар живот. Нека се занимаваат со историјата научниците, нека полемизираат, нека се натпреваруваат со научни трудови… Ние од тоа немаме ништо – заклучува Герасимовски.
И поранешниот вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски смета дека политиката треба да се тргне настрана од историјата, а повеќе внимание да им се посвети на работите што ќе им донесат бенефиција на луѓето и во Македонија и во Бугарија.

– Бугарија постојано повикува за прекин на т.н. антибугарска пропаганда, но со овие чекори само ќе се зајакнат негативните ставови кон Бугарија, односно сега Бугарија всушност работи во корист на сопствената штета. Фокусот на билатералните односи треба да биде на проекти за изградба на автопат Скопје – Софија, железничко поврзување, отворање нови гранични премини за олеснување на прекуграничната соработка, зголемување на трговската размена, заеднички напори за привлекување европски фондови за развој на регионот, споделување на бугарските искуства во преговорите за членство во ЕУ – вели Наумовски.
За професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска, политиката ја креираат политичарите, а од нивната реторика се заземаат добри или лоши ставови меѓу луѓето од двете страни на границата.
– Тие односи особено се пренесуваат по социјалните мрежи, бидејќи во конкретната ситуација не може да се знае како и што размислува секој поединец, но се движат во насока дека овие бугарски барања се премногу за Македонија да ги прифати – вели Кафеџиска.
Според неа, постојат релации меѓу двата народа на лично, но и на општествено ниво.
– Едно е нивото на општеството, друго е нивото кога се оди на лични односи. Убедена сум дека има многу Македонци и Македонки женети-мажени во Бугарија, дека има многу роднински врски и дека таму се многу порелаксирани тие односи. Станува збор за лични релации, луѓето имаат и многу пријателски релации и сигурно тие нема да се налутат поради актуелните политики и да речат од денеска не сме пријатели. Меѓутоа тоа е на лично ниво. Но личното ниво не ги креира политиките на глобално ниво – нагласува Кафеџиска.

Таа додава дека умерената реакција од македонска страна на бугарските провокации е токму за да не се предизвикува лавина од реакции во Бугарија, иако, од друга страна, тоа предизвикало реакции дома, особено на социјалните мрежи.
– Како и да е, сметам дека актуелните случувања во никој случај нема да предизвикаат нарушувања на персоналните релации меѓу Македонците и Бугарите – истакнува Кафеџиска.
Однесувањето на политичарите во голема мера влијае врз поларизацијата на општеството, но време е и тие сериозно да ја сфатат својата улога и да ги надминат националистичките стереотипи и заеднички да ѝ се посветат на борбата со многу посериозните непријатели што им се закануваат на народите на овие простори, а тоа се ковид-19, загадувањето и корупцијата.