И според лекарите и според нутриционистите, земањето витамини и минерали на своја рака не е вистинскиот начин организмот да се подготви за есента и да се заштити од претстојните вируси, па дури може да има и контраефект по здравјето и наместо да го заштити, да му го искомплицира здравјето на човекот и да предизвика и други заболувањa

Што советуваат лекарите и нутриционистите како превентива за есенските вирози

Под психоза од ковидот и страв од она што се случуваше минатата година и сега од можниот нов бран на настинки и вируси, многумина самоиницијативно и на своја рака купуваат и пијат изобилство витамини и минерали, сметајќи дека само така можат да се заштитат. Ова особено доаѓа до израз периодов со доаѓањето на есента, промената на времето и опаѓањето на температурите, посебно утринските и вечерните, кога е доста свежо. Но според лекарите и нутриционистите, тоа не е вистинскиот начин организмот да се подготви за есента и да се заштити од можните вируси и настинки. Нутриционистите велат дека имунитетот треба да се јакне преку цела година. Но и според нив и според лекарите, земањето витамини и минерали на своја рака наместо да го заштити, може да му го искомплицира здравјето на човекот и притоа да предизвика и други заболувања и здравствени проблеми. Експертите се децидни дека организмот може да си земе онолку витамини и минерали колку што му се потребни доколку се применува здрава исхрана богата со свежо овошје и зеленчук, која ја има во изобилство на зелените пазари. Лекарите се строго против претерувањето со земањето витамини и минерали, за кое тврдат дека е особено изразено кај пациентите откако е присутен ковидот. Затоа им советуваат да им препуштат на лекарите да кажат кои витамини или минерали треба да ги земат, зашто тие треба да одредат и пропишат терапија откако ќе го видат нивниот витаминско-минерален статус.
– На имуниот систем треба да се работи цела година, постојано, а не само пред есента и можниот бран на настинки, вирози и ковид. Внесувањето течности исто така е многу важно за да се зачува хидратацијата на организмот. За секој човек е битно да има добар метаболизам, чисти црева, редовно празнење на цревата, а за тоа да се случува, секако е потребна консумација на здрава храна, храна што ги задоволува дневните потреби на организмот од минерали и витамини, еден однос на макро и миронутриенти. Здраво е ако сите тие витамини и минерали се внесат преку здрава исхрана, свежо овошје и зеленчук, консумирање риба и јаткасти производи, бадеми, лешници, ореви… наместо брза храна, да се готви и да се користат мешункастите растенија, како грав, грашок, леќа.

Понатаму да се избегнува внесувањето шеќери, оној нерафиниран шеќер што најчесто се внесува преку јадење наполитанки, чоколади, разни слатки, претежно преку процесираната храна. И наместо купени, да се приготвуваат домашни слатки, да се консумираат сувите овошја, како урми, кајсии и слично. Шеќерот најдобро може да се замени со мед и маџун. Важно е да се избегнуваат белиот леб и белите печива и да се користат кисело-млечните производи добиени на база на пробиотски култури, а во овој случај добар за имуниот систем на организмот е кефирот. Корисни се и цедените сокови од лимон, портокал, цитрон, но секако корисна и важна за имуниот систем е и пулпата од овие цитрусни овошја. Особено е важен имуниот систем кај децата и наместо да се клукаат со витамини и нездрава и брза храна, треба да им се даваат свежо овошје и зеленчук, готвена домашна храна и она што одамна многу мајки го имаат заборавено, рибино масло – вели Билјана Ристеска, нутриционистка и магистерка по квалитет и безбедност на храна.
Секој витамин или минерал е од исклучителна важност за стотици различни физиолошки процеси во телото. Сè што е под или над оптималните минерални нивоа во организмот, го нарушува финиот минерален баланс и следствено на тоа, може да создаде различен вид негативни здравствени импликации, посочуваат лекарите.
– Мојот став е дека во храната и разновидната исхрана ќе ги најдеме сите витамини. Она што не можеме да го добиеме преку исхраната се витаминот Д и цинкот, единствено тоа може да се суплементира во исхраната. Секако тоа не треба да се прави на своја рака и за тоа колку пациентите треба да земаат треба да им кажат матичните лекари. Со земањето на своја рака само го оптоваруваме организмот и не му правиме добро – вели Игор Спировски, раководител на Одделението за исхрана во Институтот за јавно здравје.

Матичните лекари, пак, нагласуваат дека со промената на времето ќе има настинки, вируси, а тука плус ни е и ковидот, па сликата на симптомите некаде можат да ја диференцираат, а некаде не можат, бидејќи и кај стомачниот вирус и кај ковидот може да се јават температура и повраќање. Но не се согласуваат пациентите на своја рака да пијат и да земаат витамини.
– Не може пациентите на своја рака да пијат витамини и минерали, бидејќи и премногу витамини не е добро за организмот. Ние сме сончева земја и не треба премногу витамин Д да се пие, па дури и витамин Ц треба да се зема во случаи кога има некои гастроинтестинални тегоби. Затоа, како што реков, ние живееме на такво подрачје што пазарите се преполни со здрав зеленчук и овошје, кои се богати со витамини и со нивната консумација организмот ќе си земе онолку колку што му е потребно. Пациентите треба да знаат дека најпрвин треба да им се испита витаминско-минералниот статус, колку микрограми од што имаат во организмот, па врз основа на тоа, потоа на основа на возраста и здравствената состојба ние пропишуваме колку од што да се пие. Како матични лекари, забележуваме дека кај пациентите има зголемено земање витамини и минерали и дека тоа се случува поради стравот од ковидот, луѓето се уплашени и на сите им влијае на психата, на менталното здравје, па земаат сѐ и сешто. Витаминот Ц го имаме и во пиперката, да консумираат домати, круши, јаболка сѐ што богатата есен нуди на зелените пазари, наместо увезените овошја. Подоцна и кисела зелка, која исто така е преполна со витамин Ц.

Јогуртот е исто така добар пробиотик. Но земањето витамини и минерали на своја рака може најпрвин да предизвика гастрични тегоби, може да се предизвика и хипервитаминоза, која се манифестира со повраќање, слабост на организмот. Затоа не треба да се претерува и препорачувам свеж зеленчук и овошје и свежо исцедени сокови. Секако, во есенските денови да се води сметка за температурите и начинот на облекување, бидејќи утрата и вечерите се свежи – порачува д-р Јованка Костовска, матична лекарка во поликлиниката „Бит-пазар“.
Нутриционистите се согласни дека многу е погрешно да се пијат витамини и минерали на своја рака, доколку не се препорачани од лекар.
– Суплементацијата на своја рака не само што е погрешна туку претставува и ризик-фактор за организмот. Дури и ако треба некој да пие витамини или минерали по препорака од лекар, најпрвин треба да испита витаминско-минерален статус за да се знае како и колку треба да се внесува во организмот. Имам пациенти што поради пиењето на својата рака веќе имаат проблеми со бубрезите, а страда и црниот дроб. Пациентите не знаат кој витамин соодветствува со некој суплемент и при пиењето на своја рака не му се помага на организмот, напротив тој се мачи, се бунтува. Пред ковидот никој не знаеше за земање на витаминот Д од 2.000 интернационални единици, а сега се зема како да е шега, што е многу погрешно – децидна е нутриционистката Ристеска.