Премиерот Зоран Заев е оптимист дека Македонија и со новиот состав на институциите на Европската Унија не ја губи шансата за европерспективата. Тој е убеден дека во октомври Македонија ќе го добие датумот за почеток на пристапните преговори, независно од изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој, пред два дена од Брисел порача дека ќе биде бескомпромисен кон каков било вид проширување пред да се случи длабока реформа на институционалното функционирање на Унијата.

– Се работи за искрени пријатели на нашата земја. Иако дебатата за реформите и за промените во иднината на Европската Унија е отворено прашање за кое дискутираат европските институции и земјите-членки на Европската Унија, уште еднаш потврдувам дека истите тие земји-членки и истите тие европски институции потврдиле дека можат да ја реформираат Европа, а притоа да ја држат мотивацијата на земјите-кандидати во нивното напредување кон зачленувањето. Уште еднаш напоменувам, Република Северна Македонија не бара веднаш да биде членка на ЕУ. Претседателот Макрон зборува за членството во ЕУ, за проширувањето на ЕУ. Ние подразбираме добивање награда за сѐ што е сработено кај нас, за политичките прашања што се решени.

Соодветно дополнително мотивирање што значи следен чекор, а тоа е одлука за почеток на преговорите. Јас сум убеден дека во октомври ние ќе ја добиеме одлуката за почеток на преговорите. Притоа, ЕУ може да се реформира, може да дебатира, ние ќе преговараме за поглавјата. На крајот, дали ќе се проширува ЕУ или не, ние имаме доста време да почекаме до 2025 година во согласност со реформите на ЕУ. Јас верувам дека Европа нема иднина без проширувањето и без новите земји-членки. Јас знам дека тоа го знаат земјите-членки, така што ние продолжуваме да ги даваме сите наши аргументи – изјави Заев. П.С.