Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минатата година, кога беше одлучено да се затворат училиштата и наставата да продолжи онлајн, во просек дневно имаше по дваесетина лица заболени од ковид-19. Сега, на две недели пред почетокот на новата учебна година, дневно имаме над 500 заболени лица, со тенденција бројките дополнително да растат. Згора на тоа, сегашната нова делта-варијанта на вирусот е многу позаразна од пред една година

КОВИД-загатка ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

Бројките на новозаразени со ковид-19 растат од ден на ден. Државата усвои нови мерки, кои предизвикаа низа реакции во јавноста, а вниманието го привлече и последната објава на Министерството за образование и наука (МОН), со која се предвидуваат три сценарија за наставата во училиштата од септември. Некои од опциите се околу 200.000 ученици од 1 септември да се вратат во училишните клупи со физичко присуство на наставата или, пак, таа да се одбива комбинирано, со физичко присуство и онлајн или на принцип на ротирање.
Мислењата за ваквиот план, односно за можноста за физичко присуство на учениците во училиштата се поделени – едни сметаат дека тоа ќе ја влоши и онака неповолната епидемиолошка слика, а други, пак, сметаат дека децата сепак мора да почнат да одат на училиште.
Д-р Ненад Лазаров, кој е матичен доктор во ординацијата ,,Медија Вера“, смета дека е бесмислено учениците да одат на училиште.
– Апсолутно сум против децата да одат на училиште, особено сега, кога и тие се разболуваат, не само што го шират вирусот. Тие може да одат на училиште само со маски на лицата, што е невозможно. Од друга страна, што презедоа училишните раководства околу вентилацијата во училиштата? – прашува д-р Лазаров.
Во многу групи на социјалните мрежи луѓето реагираат за последните новини врзани со ковид во нашата земја. Има родители што се членови на групата ,,Поддршка за онлајн настава“, кои испратија писмо до премиерот, во кое бараат да се овозможи онлајн настава.

– Со чудење констатиравме дека оваа година во сите три можни сценарија од МОН не е понуден избор за онлајн настава по барање на родителот/старателот за одделенијата што би следеле настава со физичко присуство. Според сценариото со физичко присуство за сите ученици, право на онлајн настава имаат само ученици со хронични болести и оние што ќе бидат позитивни на ковид-19 или ќе бидат во самоизолација. Во второто сценарио за учење од далечина, предвидено е учениците од прво до четврто одделение да одат со физичко присуство и не е дадено право на избор за онлајн настава по барање на родителот. Во третото сценарио за настава со комбиниран модел, исто така, не е дадено право за избор на онлајн настава по барање на родителот/старателот. Ве известуваме дека во повеќе училишта во Канада и во САД, уште минатото полугодие направија план да им се овозможи онлајн настава на учениците за учебната 2021/2022 година по барање на нивните родители. Бараме и ние да имаме такво право, како што го имавме минатата година – стои во писмото на родителите.
Тие потенцираат дека физичкиот престој во училиште под маски и каква било физичка дистанца во преполни училници не ги овозможуваат ефектите што ги очекуваат властите.
– Таквата средина е стресна, неизвесна, не е поволна за развој, социјализација и едукација на учениците. Напротив, таквата средина го овозможува натамошното ширење на вирусот.
Делта-варијантата се покажа како поопасна од претходните варијанти. Се покажа дека и вакцинирањето со две дози не го исклучува целосно ширењето на вирусот, ниту ја исклучува смртноста. И вие знаете дека во нашата земја не се преземени нужните мерки што ги налага овој вирус на морален, социјален и политички план – се вели во писмото.
Од друга страна, МОН завчера излезе со информација за три можни сценарија од 1 септември.

– За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија што се усвоени на владина седница. Првото за кое наедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива, е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, во согласност со сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021, која се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање. Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба, за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести – велат од МОН.

Минатата година, кога властите одлучија да ги затворат училиштата и градинките, имаше само 20 заболени лица од ковид-19. Сега имаме ситуација кога на две недели пред почетокот на новата учебна година се предлага настава со физичко присуство, а според последните податоци, само во еден ден заболеле 588 лица. Згора на тоа, сегашната нова делта-варијанта на вирусот е многу позаразна од пред една година.
Она што е цел на надлежните е што повеќе граѓани да се вакцинираат за да може животот да се врати во нормала. Во последно време, пак, предупредуваат докторите, сѐ почесто ковид-19 ги напаѓа и децата, чија клиничка слика и не е толку лесна. Што ќе се случува од септември, останува да видиме.