Состојбата со загадувањето на воздухот предизвикано од автомобилите воопшто не се третира на начин како што тоа го прават европските земји, реагираат експертите и екологистите. Со последното законско решение на Министерството за економија за легализација на возилата со странски регистерски таблички во земјава, со трошоци помали дури и за 50 отсто, само дополнително се стимулира увозот на крш и отпад од Европа, бидејќи, според европските стандарди, возилата постари од десет години веќе се подготвени за отпад

Новиот предлог-закон за легализација на
странските возила ја разбранува јавноста

Државата постојано најавува борба со загадувањето на воздухот изминатите десетина години, но чекорите што ги презема преку разни законски решенија се чини дека само дополнително ја влошуваат состојбата.
Конкретно, состојбата со загадувањето на воздухот предизвикано од автомобилите воопшто не се третира на начин како што тоа го прават европските земји, туку со последното законско решение на Министерството за економија за легализација на возилата со странски регистерски таблички во земјава, со трошоци помали дури и за 50 отсто, дополнително се стимулира увозот на крш и отпад од Европа, бидејќи, според европските стандарди, возилата постари од десет години веќе се подготвени за отпад.
Во таа насока може да се направи споредба со Велика Британија, Германија, Норвешка и некои други земји, кои ја забрзуваат агендата за целосна забрана на дизел и бензинските мотори и стимулирање на купувањето хибридни, водородни, возила на метан, како и електрични автомобили, кои докажано не го загадуваат воздухот.

Прво на што ќе забележат противниците на забраната на увоз на стари автомобили ќе биде дека македонските граѓани немаат стандард како оние во Британија и другите европски земји, но животниот век на луѓето на овие простори е многу пократок токму поради загадениот воздух и отровните честички што ги вдишуваат предизвикани, меѓу другото, и од издувите на старите автомобили и увезениот крш, од кој Европа на големо се ослободува.
Потврда дека државата ништо не прави на ова поле туку, напротив, од разни политички, бизнис или други причини продолжува да дозволува увоз и легализација на стари автомобили е последниот закон за легализација на автомобили со странски таблички за дури 50 отсто пониски цени, на тој начин дискриминирајќи ги сите други граѓани што со години уредно си ги плаќале не толку ниските давачки за регистрација на своите возила.
За тоа време државата беше преплавена најчесто со возила со бугарски регистерски таблички, чии сопственици давачките за регистрација со години ги плаќаа во Бугарија, а тука ги амортизираа патиштата и го загадуваа воздухот.
– Сметам дека не е во ред ова што се прави. Истите тие луѓе што со години си ги регистрираа возилата во Бугарија, а тука ги возеа и загадуваа, сега ќе бидат наградени од државата со 50 отсто пониски цени за легализација на возилата. Јас 40 години го регистрирам автомобилот тука, ги плаќам сите давачки по полна цена, па, еве, да ѝ предложам на Владата нека нè ослободи нас од давачките на една регистрација, за да не се чувствуваме онеправдано. Ова што се прави кај нас е само награда на оние што со години ја изигрувале државата – револтиран е Никола Трајчевски од Скопје.

Од Владата ја правдаат одлуката со можноста за слевање поголеми средства во буџетот.
– Оваа одлука на Владата, односно овој предлог-закон е донесен како иницијатива на сопственици на овие возила, од друга страна тука се гледа можноста за прилив во буџетот. Единствено што имам информација е дека 25 милиони евра се планирани како приходи во буџетот – изјави Душко Арсовски, портпарол на Владата, без да даде одговор за колкав број возила станува збор што би се легализирале по оваа основа.
Од ваквата изјава произлегува дека Владата воопшто не е загрижена за загадувањето на воздухот предизвикано од старите автомобили, туку ја интересира само колку пари ќе се слеат во буџетот.
Инаку, со новиот предлог-закон се предвидува сите возила што заклучно со 1 октомври 2020 година влегле на територијата на Македонија и се со странски регистарски таблички да може во рок од една година да се регистрираат во земјата со намалени давачки од 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки што се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи.
Вина за напливот на стари автомобили лежи и кај дистрибутерите на нови возила, кои максималистичката заработка ја ставија на прво место, па, така, цената на новите возила во земјава е на исто ниво или дури и повисока од повеќето европски земји, иако квалитетот на овдешните нови возила е многу полош во однос на новите возила во Германија, Франција, Италија…
За еколозите, предлог-законот за легализација на возилата со странски таблички е во целосна спротивност на она за што се залагаат тие.

– Ова е тоа еден чекор напред три назад, додека се фалат со субвенции за дел од домаќинствата или посадени дрвја, демек работат на случајот загадување ма воздухот, имаме вакви мерки – стимулирање на носењето секаков отпад од Европа во вид на луксузни автомобили. И додека Европа оди кон целосна забрана на дизел и бензин-возилата, оди кон електрични, возила на водород, ние ќе увезуваме бугарски крш на нашите улици и повторно загадувањето на воздухот ќе падне во сенка на некакво моментално полнење на буџетот – реагираат од „О2 иницијатива“.
Според нив, иако Владата се обврзала да го спроведува Зелениот договор на ЕУ и на зелен транспорт, во практика ништо не прави на тој план.
– До кога со вакви политики на аминување возила што надвор во ЕУ никој не ги сака? Владата на Република Северна Македонија важно е обврзана на имплементација на Зелениот договор на ЕУ и на зелен транспорт, но само на хартија. Во практика – дајте ни ги старите возила што не се за улиците на Европа – истакнуваат од „О2 иницијатива“.

Ако државата сака сериозно да се зафати во справувањето со проблемот со загадувањето на воздухот предизвикано од автомобилите, треба веднаш да одреди временски рок, нека бидат 20 години, во кој целосно ќе забрани увоз на дизел и бензински автомобили, со што ќе ги дестимулира граѓаните да купуваат вакви возила во следниот период. Од друга страна, Владата треба да започне да субвенционира увоз на возила на метан и водород, како и на електрични возила, бидејќи светската автоиндустрија се свртува кон масовното производство на електрични возила.
Сè друго само дополнително ќе ја претвори земјава во гробница на дотраени возила, кои ќе продолжат да ги загадуваат воздухот, водата и почвата. Цената по здравјето ќе ја платиме сите.