Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минорните инвестиции во екологијата директно ќе се одразат врз евроинтегративниот процес на Македонија, бидејќи во делот на исполнување на европските еколошки стандарди земјава е далеку под сите критериуми и веројатно тоа ќе влијае врз преговарачкиот процес

Малку средства во буџетот за екологија

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Македонија најголеми забелешки имаше за состојбите во животната средина, но и покрај укажувањата од Европа, Македонија продолжува недоволно да инвестира во екологијата.
Хроничниот проблем со загадувањето на воздухот, третманот на отпадот, обезбедувањето еколошки извори на енергија, како и исполнувањето на целите за декарбонизација бараат сериозни инвестиции секоја година, а низ годините средствата што се предвидуваа за екологија беа симболични.
Таквата практика продолжува и натаму, без оглед што од година на година расте смртноста кај луѓето предизвикана од загадувањето.
Минорните инвестиции во екологијата директно ќе се одразат и врз евроинтегративниот процес на Македонија, бидејќи во делот на исполнување на европските еколошки стандарди, земјава е далеку под сите критериуми и веројатно тоа ќе влијае врз преговарачкиот процес.
Дополнителен проблем е што инвестирањето во еколошки проекти требаше да почне и претходно, за да може Македонија некаде до 2030-2035 година да има некаква базична еколошка инфраструктура што би ги задоволувала најниските европски критериуми.

Игнорантскиот однос на земјите кон екологијата низ годините резултира со загаден воздух, вода и почва, нееколошки возен парк, индустрија што се потпира врз фосилните горива, што конкретно сега е видливо токму во земјите од Балканот.
Европската комисија објави дека одлучила да поднесе тужба пред Судот на правдата на ЕУ против Бугарија затоа што земјата не обезбедила целосна имплементација на одлуката на Европскиот суд од 5 април 2017 година, со која требало на своите граѓани да им обезбеди чист воздух.
– Бугарија не ги исполнила своите обврски во согласност со европското законодавство за квалитетот на воздухот. Максималните дозволени вредности за ПМ10 честичките не се забележани во Бугарија и не се преземени соодветни мерки за намалување на загадувањето – се вели во соопштението на Комисијата.
Ова е само потврда како се однесува Европа кон оние што не ги спроведуваат политиките за чиста животна средина, кои се принудени да плаќаат парични казни, наместо тие средства претходно да биле потрошени за еколошки проекти.
Поради тие причини потребно е и државата да се замисли дали не треба да почне да издвојува сериозни средства за екологијата, бидејќи цената што ја плаќаат граѓаните со своето здравје е многу повисока.

– Кога од буџетот ќе се тргнат платите и пензиите, социјалата, на кои одат над 37 отсто, отплатата на задолжувањата, кои се цели 24 отсто, безмалку една четвртина од буџетот, останува околу една третина од буџетот за сè друго во државава, каде што се и патните расходи, храната и пијалаците, канцеларискиот материјал, мебелот, возилата, мазутот за греење, субвенциите на странските компании, купувањето оружје за НАТО… Пари за екологија нема, додека над 3.000 граѓани ни умираат секоја година поради загадениот воздух – велат од „Иницијативата О2“.
Познавачите на состојбите во екосферата велат дека државата мора да одвои сериозни средства ако сака да има резултати.
– За големи инфраструктурни еколошки проекти се потребни и големи пари. Тие пари што би се инвестирале ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот речиси во сите градови во земјава. Тоа, од друга страна, ќе ги намали и болестите што се јавуваат кај луѓето поради загадениот воздух, што, пак, ќе го намали и притисокот врз здравствениот систем – вели Благоја Николов, екоактивист.
Според него, државата не треба само да носи стратегии, туку и да ги усогласува со европските и да ги спроведува во континуитет, без оглед кој ќе дојде на власт.
– Кога ќе се подготви стратегија, треба да ја имплементираат сите. Кај нас секогаш кога ќе се смени власта, се почнува со изработка на нови студии, стратегии, се трошат огромни пари на тоа, а вистински ефект нема – појаснува Николов.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека сериозно ги сфатиле забелешките од Европската комисија наведени во извештајот и дека работат на повеќе полиња на нивно отстранување.

– И покрај наодите во последниот извештај на ЕК, преземени се низа активности на различни полиња, со кои се очекува брз напредок во подобрување на состојбата на животната средина. Пред сè, очекуваме многу повидливи резултати со интегрирање на прашањата за животната средина во Програмата на Владата на РСМ за 2020 – 2024, во која се забележуваат сериозни цели во насока на унапредување на состојбите со животната средина, со што се очекува, покрај Министерството за животна средина и просторно планирање, поголемо ангажирање и на другите институции на државно, но и на локално ниво – истакнуваат од МЖСПП.
Како и да е, несомнено поголемото инвестирање во животната средина сега ќе донесе видливи резултати во иднина, што, од друга страна, ќе придонесе за поздрава популација во земјава, а истовремено ќе ја етаблира Македонија како еколошка држава.