Фото: Маја Јаневска-Илиева

Учениците не се виновни, туку родителите мислат дека детето треба да им биде „скроз одлично“. Тие мислат дека детето знае сѐ, зашто дома сѐ ќе раскаже, но оценката не е само да се знае да се раскаже. Тие велат „моето дете знае сѐ, ама професорот не му става петка“. А има многу инпути од различни страни за да се дојде до конечната оценка. Родителите мислат дека петките ќе значат нешто. Но да имаме предвид дека денешното време е различно од поранешното

Оценката е валоризација на еден мултимедијален пристап на оценувачот, кој на повеќе нивоа го следи ученикот. Професорот ги следи интересот на ученикот, вниманието и проактивноста на часот, бара критичко размислување, бара познавање на материјата. Оценката денес не е иста со онаа од пред децении, кога се оценуваше само на основа на материјалот, вели професорот по биологија Александар Алексовски, кој предава во средното стручно училиште „Марија Кири Склодовска“.
На крајот на учебната година, кога традиционално има ургенции за повисоки оценки, поразговаравме со неколку професори да пренесат искуства на оваа тема. Алексовски вели дека родителите се тие што мислат дека детето мора да им биде „скроз одлично“ и затоа инсистираат на одличен успех.
– Учениците не се виновни, туку родителите мислат дека детето треба да им биде скроз одлично. Тие мислат дека детето знае сѐ, зашто дома сѐ ќе раскаже, но оценката не е само да се знае да се раскаже. Тие велат „моето дете знае сѐ, ама професорот не му става петка“. А има многу инпути од различни страни за да се дојде до конечната оценка. Родителите мислат дека петките ќе значат нешто. Но да имаме предвид дека денешното време е различно од поранешното. Денес ништо не менува ако ученикот е скроз одличен или е со некоја четворка, тоа не му менува понатаму во животот, затоа што сега има многу универзитети на кои може да се запише. Постепено, со времето, можам да кажам дека притисокот за петки се намалува – вели Алексовски.
Тој правел анкета на крајот на првото полугодие на сите ученици, а целта била да види дали учениците имаат некој проблем со оценка, проблем со професор. Меѓу другото, имало и прашања во кое требало да кажат што би сакале да сменат.

– Тие генерално кажаа дека проблем е комуникацијата со професорите, односно бараа да има повеќе разговор, да има поблизок однос, да има попријателски однос, да им се даде шанса да говорат. За оценките, воопшто немаше одговор дека некој професор необјективно оценува. Оценката е орудие на наставникот, тој треба да ја користи за да стимулира, мотивира и наградува и казнува за да го извади најдоброто од ученикот. Тој треба да му ги даде на ученикот сите можности да добие петка, а тој колку ќе ги искористи, тоа е негово – смета проф. Алексовски.
Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“, вели дека оценките на учениците што учат овде се заслужени.
– Наставата се реализираше онлајн. Годинава мислам дека оценките на учениците им се заслужени. Сепак, со оглед на ковид-ситуацијата, професорите имаа разбирање, па таму каде што требало, излегле во пресрет. Притисоци и врски за петки немаме – вели Димовски.
Нашиот образовен систем е така поставен што ги учи учениците дека оценката е најважна, а не процесот на решавање проблем и критичкото мислење.
Оценката е главен критериум за премин во друго одделение/клас, за упис во средно, за на факултет. При уписи во средно училиште, не се земаат предвид вештините и афинитетите на учениците, никој не гледа кој за што е способен, туку главен критериум се оценките и средниот успех постигнат во периодот од шесто до деветто одделение.