Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, придружуван од потпретседателката на СДСМ и министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска и меѓународниот секретар, Дане Талески, имаше обраќање на Конгресот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Црна Гора, сестринска партија на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Во обраќањето, претседателот на СДСМ и премиер порача дека левичарските политики се политики на прогрес и просперитет на регионот и на цела Европа.

– Времето на политиките на популизам, национализам, радикализам помина. Левичарските политики ќе бидат иднината на регионот и на Европа – оцени премиерот Заев.

Тој пренесе поздрави како премиер, од мултиетничкиот народ во нашата држава и како претседател на СДСМ, од социјалдемократите во земјава.

– Република Северна Македонија почитува што под раководство на ДПС и Мило Џукановиќ ја донесовте независноста на Црна Гора, станавте членка на НАТО и сте лидер во интеграциите на ЕУ во Западен Балкан. Ова лидерство во регионот е изразено преку најголема просечна плата во земјата, лидер во растот на БДП – кажа Заев.

Тој нагласи дека борбата за социјалдемократските вредности продолжува, за поголема социјална помош, поголеми пензии, плати, минимална плата, подобар достоинствен живот за граѓаните.

– Ќе повикам на нова преокупација во регионот што ја застапуваме и верувам ја поддржувате, да имаме 50 – 50 жени во политиката и на парламентарните избори и да дадеме шанси на младите луѓе – рече Заев.

Предлогот пред делегатите на оваа сестринска партија на СДСМ, е реизбор на Мило Ѓукановиќ за претседател на ДПС и на Душко Марковиќ за заменик претседател, инаку претседател и премиер на Црна Гора.