Прашањето за Македонија не е дали постојат алтернативи за членството во НАТО, туку дали тие алтернативи се доволно квалитетни за земјата, изјави денеска националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.
Тој говореше на научната тркалезна маса „Алтернативи на и за НАТО: интеграција на Република Македонија, политичка реалност, идни решенија и можности“, која се одржа денеска на Факултетот за безбедност во рамки на Дипломатскиот форум.
Според него, првата алтернатива е Македонија да прогласи воено-политичка неутралност, но тоа е, како што кажа, утопија во регионот во кој живееме и нешто што нема да има практичен ефект.
– Втората алтернатива е влез во евроазиски асоцијации. Базирано на анализи тоа нема да има никаква додадена вредност за Македонија. Во тие сојузи не постојат услови за членство и не вршат евалуација на нивото на усогласеност на политиките – рече Пендаровски.
Тој посочи дека придобивките за Македонија од членството во НАТО се огромни – заедничка заштита од кибер криминал, заедничка одбрана од разорниот ефект на т.н лажни вести.
– Како полноправна членка на НАТО ние би разменувале информации со сите моќни земји- членки за опасностите од тероризмот поттикнат од верски побуди – истакна Пендаровски.
Осврнувајќи се на прашањето за името, Пендаровски истакна дека ако сега не се реши ова прашање, алтернативата е да се продолжи со преговарите, сė додека не се најде достоинствено решение.
– Најпогубно е да се повлечеме и да се затвориме дома. Ако не добиеме покана не е крај на светот. Битно е да продолжи преговорачкиот процес – додаде Пендаровски.
Според него, ЕУ и НАТО се школи за демократијата во посткомунистичките држави и додаде дека тие процеси се особено важни за Македонија, бидејќи до 1991 година во неа немало демократска традиција.
– Клучен супстрат на демократијата е културата на компромис која отсуствува во нашата демократија. Не постои консензус во стратешките области. Македонија треба да ја сочуваме само со ум и одговорност, никако со покажување сила и мускули одвнатре и однадвор – рече Пендаровски.
На дебатата учествуваше и словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш, кој посочи дека членството во НАТО има голема поддршка во земјава, но сепак смета дека во моментов фокусот треба да се стави на ЕУ.
– Словачка го поддржува отворањето преговори со Македонија, без разлика дали е решен спорот со Грција околу името – порача словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш.
Нагласи дека Македонија е земја со огромен потенцијал, која сега може да напредува повеќе од кога и да е.
– Поддршката за членство во НАТО во земјата е огромна. Луѓето немаат дилема во однос на членството во НАТО. Македонија сега треба да се фокусира на многу поважната агенда, а тоа е членството во ЕУ – рече Маркуш.