Бројни прашања во однос на Србија и на Балканот го загрижуваат Кристофер Хил, како што нагласи синоќа во американскиот Сенат кандидатот за американски амбасадор во Белград и поранешен амбасадор во Скопје. Хил зборуваше на дебатата пред Комитетот за надворешни работи при Сенатот, што е прв чекор во процесот на потврдување на неговата номинација за амбасадор во Белград.
– Многу е важно да имаме јасни разговори со владата во Белград, да ги убедиме да разберат дека нивото на нашите напори во БиХ и на Западен Балкан ќе остане многу сериозно. Многу внимателно ќе следиме кој помага работите да се движат во вистинска насока, а кој не – нагласи Хил.
Американскиот дипломат посочи и дека ЕУ не сака членки кои имаат проблеми со соседите, осврнувајќи се на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, за кој смета оти е постигнат напредок, но дека не е доволен.