Од политичари од тој калибар и наедно лидери на најголемите политички партии во државата се очекуваше да дадат своја визија и стратегиски размислувања како понатаму, за многу актуелни и суштински теми поврзани со евроинтеграциите, меѓународната политика, економијата, образованието итн. Зошто, според аналитичарите, на дуелот не видовме државници?

ОДГЛАСИ КАЈ СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ И ГРАЃАНИТЕ ПО ТВ-СООЧУВАЊЕТО НА ЛИДЕРИТЕ ОД ВЛАСТА И ОД ОПОЗИЦИЈАТА

Невештиот обид на партиските стратези да наметнат дебата за тоа кој е „победник“, а кој „губитник“ на завчерашниот телевизиски дуел помеѓу премиерот и претседател на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на опозициското ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не го потисна општиот впечаток за промашената форма на политичката дебата и недостигот од високи стратегиски теми во истата таа. Тоа е речиси неподелено мислење и на експертската и на пошироката јавност, или барем на оној нејзин дел што имаше интерес и трпение да го гледа и да го догледа соочувањето, кое во текот на вчерашниот ден беше искажано и во директните контакти и на социјалните мрежи.
Упорните навлегувања во чисто технички и процедурални детали, трошењето време за некакви правилници, административни прашања или нечии фејсбук-статуси во меѓусебните реплики и контрареплики, веќе видените меѓупартиски обвинувања и контраобвинувања, ниските удари и карикирањата не оставија простор лидерите да се искажат како државници од повисок формат и да ги претстават своите визии, планови и стратегии за излез од повеќеслојната криза во која државата се најде и во која сѐ подлабоко навлегува. А токму тоа, стратегиски погледи, кон што ќе се насочиме, каква надворешна политика ќе водиме, како да ја поттикнеме економијата и да го зголемиме растот на БДП и редица други стратегиски теми очекуваа да чујат граѓаните и јавноста од дуелот, посебно од еден таков формат на политичари и пред сѐ лидери на најголемите партии во државата.
Ниту Заев ниту Мицкоски не дадоа свои видувања и стратегии за надминување на спорот со Бугарија и пред сѐ заштита на националните интереси, за продолжување со евроинтегративниот процес на Македонија, не понудија ниту алтернативи ниту кажаа како земјава ќе се носи со актуелните големи геостратегиски поместувања, економски и здравствени предизвици во пандемијата, демографскиот пад, иселувањето итн…
– Нелогично е тоа што за прашањата поврзани со можностите за економскиот раст, тие сѐ уште дебатираат со дневнополитички расправии како стопанствениците и граѓаните да не ги чувствуваат директно ефектите од состојбата во економијата и треба некој да им каже оти сега, ете, им е добро или, пак, допрва ќе им биде подобро. Лесно им е да кажат оти економијата им е приоритет, но зошто не говорат за тоа што е направено и што треба да се направи за да се подобри општиот амбиент за нејзиниот раст и развој – објаснува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Дека лидерите на двете најголеми македонски политички партии, барем во, за некои, многу очекуваниот дуел, не покажаа дека размислуваат и не понудија решенија за предизвиците што ги носат сложените состојби во земјава, но и пандемијата, економската криза, геополитичките текови…, согласна е и универзитетската професорка Билјана Ванковска.
– Во ситуацијата што коинцидира со пожарот во тетовската болница токму во моментот на одбележувањето на 30-годишнината од независноста и недозволивото бегање од одговорноста, ние добивме дуел на двајца ликови, кои очигледно се пазарат за техникалиите околу пописот и за патните трошоци на пратениците. Останува, значи, констатацијата дека тие во заднината имаат коалиција во однос на чисто лукративните прашања што ги засегаат само нивните две партии, на штета на сите други политички актери и на граѓаните. Од нив, со оглед на функциите што ги имаат, се очекуваше да дадат визија што понатаму, не само во однос на одговорноста за пожарот во Тетово туку и за сите други суштински и стратегиски теми. Во она што го видовме, не видовме државници – констатира Ванковска.
Како уште еден поглед на дуелот, може да се издвои и куриозитетот што го посочи еден од македонските интелектуалци, порано активен во политиката, откако пропуштил директно да ја следи емисијата, па подоцна ја побарал снимката.
– По половина час гледање, сфатив дека сум пуштил некоја стара снимка, но темите беа исти за кои и сега се дебатира, така што може да се рече оти најстрашно е тоа што, без оглед што тие кажале или ќе кажат, проблемите воопшто не се решаваат и темите не се затвораат, само се отвораат нови – сумира нашиот соговорник. И одгласите на голем дел од граѓаните на социјалните мрежи беа речиси во иста насока. Повеќе од нив констатираат дека многу малку или речиси воопшто внимание не се посветило на големите стратегиски теми што се од интерес за јавноста и граѓаните и лидерите повеќе се занимавале со самите себеси отколку со визии за иднината на граѓаните и државата. Д.М.М.