Пендаровски: Следејќи го Христовиот пример да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.
– Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден со пораката: Христос Воскресна! Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата. А тоа ќе го правиме со секој чин на солидарност кон ранливите и грижа за природата, со заложбите за слобода, правда и мир, со борбата за социјална правда и за достоинствен живот на нашите сограѓани – се вели во честитката од претседателот Пендаровски.
Враќајќи ни ја надежта во општото добро, овој празник, се додава, нѐ потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други.
– Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен. Христос воскресна! Навистина воскресна! – стои во честитката од претседателот Стево Пендаровски по повод најголемиот христијански празник – Велигден.
Џафери: Обединети да продолжиме да ја унапредуваме државата и да осигураме благосостојба денес и за идните поколенија
Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери, во име на Владата и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
– Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот. Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата – се наведува во честитката.
Особено, како што се посочува, во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.
– Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија – стои во честитката од техничкиот премиер Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.
Мицкоски: Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, ближниот и да направиме се утре да биде подобро од денес
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од негово лично име и од име на партијата упати честитка до сите верници по повод големиот христијански празник, Христово Воскресение – Велигден.
– Христовото Воскресение му покажа на човекот колку Бог го сака, и дека беше спремен да биде распнат за спасението на човештвото. Љубовта на Бога кон човека е неизмерна – се наведува во честитката.
Воскресението, се наведува понатаму, е потврда дека надежта секогаш ќе победи, човековата волја, љубов и верба можат да придонесат за поубав свет.
– Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, да го сакаме ближниот, да направиме се утре да биде подобро од денес. Промените кои доаѓаат да ги запечатиме со силна победа, за догодина да славиме Велигден со многу поголеми насмевки на задоволство како нација. Христос Воскресе! За многу години Велигден! – стои во честитката од претсдеателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Митрески: Заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, во име на пратениците и во лично име, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски-македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија.
– Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво – истакнува спикерот Митрески.
На овој Велигден, се нагласува во честитката, да ги искористиме празничните моменти и да споделиме радост и среќа во семејството, помеѓу нашите најблиски, пријателите, познаниците, но и сите оние на кои им е потребна помош и поддршка.
– Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис – стои во честитката од претседателот на Собранието Митрески до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.
Ковачевски: Добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ, храбрите одлуки секогаш носат успех
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитика до православните верници.
– Честит и вековит нека ни е денешниот најголем христијански празник Воскресение Христово – Велигден. На сите кои го празнуваат денешниот празник им посакувам здравје, радост и благосостојба во домовите. Повикувам на хармонија и на обединетост во нашето општество. На овој најголем празник, да имаме мир и спокој во душите, а добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ кон добри дела и иднина – се посочува во честитката.
Велигден, се посочува, носи голема духовна сила, но и порака дека храбрите одлуки секогаш носат успех.
– Денешниот празник ја симболизира победата на животот над смртта, тоа е силна порака дека храбрите одлуки секогаш носат успех, особено кога се работи за заедничкото добро. Овие големи празници носат голема духовна сила, да ги празнуваме секогаш заедно, во радост и спокој. Христос Воскресе! – порача во честитиката претседателот на СДСМ.