Вкупно 281 офицери, подофицери и цивилни лица денеска добија златна значка за триесет години активна служба на Армијата, по повод 18 август – Денот на Армијата и одбележување 30 години од нејзиното формирање.
Благодарност на 145 офицери, 69 подофицери и 67 цивилни лица за нивната посветеност на одбраната и на Армијата денеска изрази министерката за одбрана Славјанка Петровска на доделувањето на значките, како и началникот на ГШ Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој е и еден од добитниците на златна значка за активна служба во Армијата од формирање .
– Кога велиме дека Армијата започнавме да ја градиме од самиот темел, мислиме на вас. Вие ја градевте, вие ја изградивте, вие бевте професионалците кои заедно со вашите колеги создадовте историја која ќе ја паметиме и иднина која ја посакуваме. Вашиот вложен труд и енергија вродија со големи резултати, вклучувајќи го и нашето историското членство во Алијансата. Сите вие, кои учествувавте во овие процеси со гордост може да кажете дека сте биле дел од овој успех. Вие знаете најдобро што значи да се биде дел на еден тим, на едно семејство кое си ја сака татковината и работи за неа – бескомпромисно и без задршка, истакна Петровска, нагласувајќи дека е чест и задоволство што лично им ја доделува значката за 30-годишна служба во Армијата
Министерката им порача да го споделуваат нивното знаење со помлади колеги затоа што, како што рече, ним им останува обврската да продолжат да го градат овој наш заеднички дом. Нагласи дека како држава покажавме дека имаме сила, посочи, да изненадиме, како што е најбрзата воена интеграција во Алијансата, со НАТО успешното оценување на Лесниот пешадиски баталјон, но и со грижата и посветеноста која ја имаме кон Армијата.
– Донесовме измени во Законот за служба во Армијата кои сериозно го подобруваат стандардот на секој од вас. Ја опремуваме армијата и ги подобруваме условите за работа на секој нејзин припадник – истакна Петровска .