Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа закажаното рочиште од процесот што се води по предметот во врска со нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.
Причина за одложувањето беше непојавувањето на Борче Ангелов од Битола, еден од обвинетите во предметот, како и на двајца од тројцата сведоци предвидени да дадат исказ пред судискиот совет.
Застапникот на оштетениот, адвокатот Стефан Камишевски, до судот достави материјално оштетно побарување поткрепено со наод од невропсихијатар, без да појасни пред медиумите за колкава сума станува збор.
– По однос висината на оштетното побарување не би сакал тоа да го коментирам оттаму што се работи за нешто што се пријавува во судската постапка и е на Судот да одлучи дали ќе го прифати или ќе не упати во граѓанска постапка, под услов обвинетите да бидат правосилно осудени за кривичното дело што им се става на товар. А во поглед на невропсихијаттриското вештачење, тоа е изготвено врз основ на лекарската документација веќе доставена во постапката и врз која што е изготвено и претходното вештачење, изготвено од Клиничката болница во Битола – рече тој.
Камишевски цени дека со непојавување на обвинетите намерно се одолговлекува процесот, посочувајќи дека законот и нормално расудување препоставува дека обвинетите биле уредно известени односно се подразбира дека требало да се појават на денешното рочиште.
Застапникот на двајцата обвинети, адвокатот Димитрија Цобоски, во изјавата за медиумите рече дека одбраната воопшто нема потреба од одолговлекување на процесот, додека по однос денеска доставеното невропсихијатриското вештачење до Судот со коментар дека истото може да се однесува само за претпрпена душевна болка, а не и за физичките повреди.
Судијата што го води предметот Бојан Мартиноски за наредното рочиште закажано за 16 април побара обвинетиот Ангелов да биде донесен со полициска придружба.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.