Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори што повеќе клубови, меѓутоа не треба да ги повредуваат чувствата на останатите граѓани. Очигледно имињата кои беа избрани, без разлика на нивното научно толкување, се провокација за мнозинството и тоа е доволно. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од тоа, треба да ја разбереме оваа чувствителност и верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за БТВ.

Прашан дали со неодамна усвоените измени во Закон за фондации и здруженија со кои се забранува здруженија и партии да носат спорни имиња, бугарските здруженија во „Иван Михаилов“ и „Цар Борис Трети“ ќе треба да ги сменат имињата ако сакаат да продолжат да постојат, Османи одговори дека „така вели законот“.

– Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа – изјави Османи.

Османи, исто така, посочи дека планира следната недела да ги покани бугарските здруженија на состанок, каде што ќе направат план како да се овозможи на бугарската заедница да ја декларира својата припадност, идентитет и културна припадност.

– Имам искуство, имам волја и државата има волја да ѝ помогне на бугарската заедница да се интегрира – изјави Осман.