Фото: З.А.

Денес пред споменикот во селото Цер беше одбележана 120-годишнината од погибијата на Христо-Димитров Узунов, македонски револуционер, учител и војвода и неговите соборци во кичевското село.

На одбележувањето на годишнината од смртта на Узунов беа присутни претставници на родниот град Охрид, Кичево, месната заедница на Цер, на училиштата, чиј патрон е Узунов од селото Другово и Охрид и почитувачи на неговиот живот и дело.

Тие пред споменикот положија букети свежо цвеќе, додека учениците од Другово ја испејаа химната, исполнија и неколку песни и рецитал подготвен од наставничката по мајчин јазик Ивана Витанска. Наставничката по историја Виолета Петкоска прочита говор за саможртвата на војводата и неговите соборци.

-Денеска на овој тажен јубилеј треба да сме горди на делото на Христо Узунов. Собрани сме по повод 120 години од настанот што се случил овде и ја потресол Македонија. Христо Узунов е идеологот и револуционер кој го дал својот живот за оваа наша земја. Ние неговите наследници да не го заборавиме никогаш, сеќавањата за ваквите револуционери се безвременски. Потеклото на еден човек е значајно за неговата иднина. Христо Узунов води потекло од револуционерно и просветителско семејство кое е многу значајно за македонската историја. Еден од најхрабрите синови на мајка Македонија која ја заменил со својата мајка и го дал животот за неа. Христо Узунов не бил сам во овој негов подвиг. Него го придружувале и неговите блиски соработници кои загинале скоро во ист момент. Денеска сме тука да оддадеме бескрајна почит на овие жртви кои го одбележале пост Илинденскиот период, период кој бил многу тежок за македонскиот народ – истакна во својот говор наставничката Петкоска. З.А.