Кај спомен клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало, денеска (27 април) се одбележува роденденот на еден од нашите најистакнати драмски автори.
За присутните скопјани, кои беа дојдени во поголем број да му оддадат почит на познатиот македонски драмски писател, беше организирана пригодна програма со настап на вокално-инструменталниот состав – Аудио Скопје, потоа пантомимска точка и улични живи статуи, а беа прочитани и одбрани текстови од и за Горан од актерките Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска Костовска и Трајанка Илиева Вељиќ, како и од членови на семејството Стефановски, негови пријатели, колеги, дебармаалци. Настанот се збогати и со ДЏ сет на Игор Стефановски.











-Тој можеби не е физички тука, но неговите ликови шетаат низ нас, неговите реченици сè уште се слушаат низ театарските сали, и неговиот дух живее — во зборот, во мислата, во сцената што нè згаснува. И токму затоа велиме: Горан е тука – посочија од Општина Центар во чија организација е настанот.
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола, во театарско семејство. Детството и младоста ги поминува во театарот, а потоа му го посветува и целиот живот. Со појавата на Горан Стефановски современата македонска драма доживеа голем успех. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“… Тој зазема значајно место во современата македонска книжевност и се смета за најистакнат македонски драматург во периодот по Војдан Чернодрински. Неговите драми имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ни ја предава историјата на македонскиот народ, со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Велика Британија на 66-годишна возраст.