Тринаесет пожарникари со три противпожарни возила од ТППЕ Неготино и шестмина пожарникари со две противпожарни возила и две пумпи за испумпување на вода од ТППЕ Кавадарци, вчера биле ангажирани за санирање на штетите по големото невреме кое го погоди Неготино.
Активностите на екипите биле завршени до 23 часот, информираа од Центарот за управување со кризи.
Невремето траело 20 минути, а епилогот е паднати дрвја, покриви од куќи и гаражи, паднати бандери, паднати фолии на земјоделци, со што причинета е голема штета која допрва ќе се проценува.
Неготинчани коментираат дека вакво невреме на паметат.
Мајка и ќерка од Тимјаник се меѓу оние што бараат помош по невремето.
– Покривот ни прокиснуваше и претходно но по невремето ситуацијата станува полоша и имаме штети од поплавата во и онака скромниот дом. Оштетен ни е и мебелот во домаќинството. Нашата сиромаштија стана уште поголема по невремето. Страв ни е да спиеме во куќата, плашејќи се дел од кровот или целиот кров да не се урне – рече за МИА, мајката Мара Петрова, која е пензионерка.
Неготинскиот градоначалник, Горан Стојанов истакна дека во текот на денешниот ден, ќе се формира општинска комисија за проценка на штети и комисијата ќе направи увид на лице место, со цел евидентирање на сите што претрпеле штети од елементарната непогода.