Потребна е промена на навиките на луѓето за справување со загадувањето, според проф. д-р Драган Ѓорѓев/Фото: Приватна архива

Професор д-р Драган Ѓорѓев за состојбата со воздухот

Можеме да спасиме две до три илјади животи годишно, но само со структурни мерки и со интегративен пристап против загадувањето, вели проф. д-р Драган Ѓорѓев, коментирајќи ја за „Нова Македонија“ состојбата на воздухот во земјава по забележаното зголемено присуство на штетни ПМ10 честички во изминативе неколку недели. Скопје вчера беше шести најзагаден град во светот, а со зголемено загадување во изминатиот период се соочија и Кичево, Струмица, Кавадарци, Гостивар и други места низ Македонија.

Со порастот на загадувањето дојде и до меѓупартиско препукување и размена на обвинувања за состојбата, покрај предлозите за справување со проблемот. СДСМ вчера предложи седум мерки за кои смета оти ќе влијаат на намалување на загадувањетo на воздухот во Скопје, а од партијата побараа и закажување на вонредна седница на советот на Град Скопје посветена на загадениот воздух.

– Неопходни се структурни мерки на сите засегнати. Не треба да има амнестија на негрижата. Мерките честопати се, не само скапи, туку и болни за спроведување. На пример, можат да резултираат и со отсуство од работа. Но, без интегративен пристап нема да има промена. Потребно е да се слуша струката, а не партиите кои се водат според дневнополитички интереси – категоричен е Ѓорѓев.

Во Македонија, според Ѓорѓев, мерките се преземаат сезонски кога ќе дојде до високо загадување на воздухот, а потребно е да се применуваат во текот на целата година.

– Нема конкретни, туку инстантни мерки. Постои акционен план во сите општини, но не се спроведува. Се чека ветер што привидно ќе ја подобри состојбата. Мерките се преземаат сезонски, а потребно е да се применуваат во текот на целата година. Потребно е да постои рестрикција за излегување, децата да се носат надвор од градовите на чист воздух, да се носат маски, да се користат прочистувачи за воздух бидејќи загадувањето продира и во домовите, да се отвори прашањето за тоа какви горива се користат – објаснува Ѓорѓев.

Загадениот воздух има сериозни ефекти врз здравјето на луѓето.

– Поставени се мерни пикови за ПМ10 честички, а здравството се води според формулите за процена на смртноста. Околу 17 до 20 отсто од годишните смртни случаи се од причини поврзани со аерозагадувањето. Измерени се ефекти од аспект на зголемувањето на бројот на посети на доктор од 40 до 50 отсто, особено кај децата, поради проблеми со белодробниот систем – посочува Ѓорѓев.

Тој ја посочува грејната сезона меѓу факторите што придонесуваат за загадувањето на воздухот.

– Мерењата се базираат на часовни концентрации на ПМ10 честички во воздухот. Но од здравствен аспект побитни се просечните дневни и годишни концентрации. Меѓу факторите што придонесуваат за ваквата состојба секако дека спаѓа греењето на домаќинствата. Индустријата исто така придонесува во одредена мера, но мислам дека големите компании се почисти бидејќи се водат според поставени стандарди, додека малите преставуваат поголем проблем. Па гледаме дека загадувањето е поголемо по 19 часот, односно некаде до 21-22 часот. Влијае и тоа што станува збор за котлински подрачја во градовите, па доаѓа до бавна размена на воздух и маглата останува. Маглата е метеоролошка појава, но ние зборуваме за токсичната магла од загадувањето од која нема бегање – нагласува Ѓорѓев.

Граѓаните треба да ги следат статистичките податоци за состојбата на воздухот и да се водат според нив при организирање на секојдневните активности.

– Граѓаните, а особено ризичните категории и хроничните болни, треба да ги следат бројките на интернет-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање и на европските мерења, и да избегнуваат излегување надвор без конкретна потреба или да носат заштитни маски М95 – советува Ѓорѓев.

Минатиот месец низ Македонија стапија на сила препораките и мерките против загадувањето на воздухот, откако на мерните места беше забележано надминување на прагот на ПМ10 честички, односно надминување на вредноста од 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни дена. М.Ж.