Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретнал со младиот Јован Костадинов од Виница, кој спаси 21 лице од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
-Денес се сретнав со Јован Костадинов, млад човек од Виница, кој во најтешкиот миг покажа што значи храброст, одговорност и човечност. Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот. Без размислување, со голема присебност и посветеност, тој направи нешто што малкумина би се осмелиле да го сторат – напиша Мицкоски на Фејсбук.
Јован, како што посочува премиерот, не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика.
– Од неговиот чин се учи како да се биде човек, како да се биде достоинствен и несебичен во моментот кога тоа најмногу значи – вели Мицкоски.
Премиерот ја сподели информацијата дека на Јован ќе биде доделена стипендија, како знак на признание за неговата храброст и човечност.
– Алкалоид, како општествено одговорна компанија, ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери. Благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти за државата и народот- истакнува Мицкоски.