Триесет и двегодишен македонски државјанин во саботата околу 2 часот по полноќ бил убиен во Есен, Германија, јавува германскиот весник „Билд“. Мажот бил претепан до смрт од страна на двајца Еритрејци на возраст од 25 и 29 години. На тепачката ѝ претходела вербална расправија, а откако го претепале, двајцата Еритрејци побегнале од местото и се упатиле кон главната железничка станица.
Случаен минувач се обидел да му даде прва помош и да го реанимира македонскиот државјанин, кој веќе бил во несвест, но било предоцна.
-Тој беше однесен во болница, но таму почина кратко време подоцна од сериозните повреди – изјавил портпаролот на полицијата, јавува „Билд“.
Обдукцијата на телото покажала дека причината за смртта е повреда од тап предмет.
Случајот го испитува Јавното обвинителство во Есен, но засега е нејасно која е причината за расправијата меѓу тројцата мажи.