Бујар Османи Фото: Фејсбук

Слоганот „Премостување на поделбите, градење доверба“ ќе биде водечка тема на македонското претседавање со ПСЈИЕ, а посебен фокус, како што најавија претседателот Стево Пендаровски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе биде ставен на добрососедските односи, помирувањето, безбедноста, стабилноста, регионалната соработка и забрзувањето на евроатлантските интеграции.

Претседателот Пендаровски на Самитот на ПСЈИЕ во Подгорица, истакна дека државата е подготвена да го предводи Процесот за соработка во Југоисточна Европа без разлика на обврските што ги има како актуелен претседавач и на ОБСЕ.

– За време на нашиот мандат ќе вложиме максимални напори преку дијалог и меѓусебно разбирање и почит да ги искористиме сите можности и дојдеме до поголема регионална стабилност и просперитет. Владеење на правото, промоција на човековите слободи и права, а особено борбата против корупцијата ќе бидат меѓу приоритетите на нашата агенда, а исто така и енергетската безбедност на Југоисточна Европа, трансевропските коридори и културната размена меѓу народите, рече Пендаровски.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека земјава има капацитет истовремено да претседава и со ПСЈИЕ и со ОБСЕ.

Османи, кој денеска ќе одржи прес-конференција по повод преземањето на претседавањето со ПСЈИЕ, оценува дека Македонија станува претседавач во тешки времиња, земајќи ја предвид сериозноста на војната во Укарина. Токму војната на европскуиот континент, како и преостанатите регионални предизвици и отворени прашања, се причина за враќање на основните вредности врз кои се потпира ПСЈИЕ – добрососедските односи, стабилноста, безбедноста, соработката стремежот за интеграција на во евро-атлантското семејство на слободни и демократски народи, вели Османи.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во јуни 1996, со цел продлабочување на односите и соработката меѓу земјите од регионот. Иницијативата стреми кон создавање на регион темелен на демократија и економски просперитет и целосна интеграција на овој дел од континентот во европските и евро-атлантските структури.

Македонија е вклучена во иницијативата од самиот почеток, а претседаваше со неа во два наврати, 2000-2001 и 2012-2013 година. Покрај Македонија, членки се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Србија, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора.

Досегашен претседавач со ПСЈИЕ беше Црна Гора.