Фото: Принтскрин

Неколку работни групи работат на случајот со Универзалната сала. Јас лично се заложив и најголем дел од времето го поминувам за откочување на тој процес. Во собраниска процедура се измени и дополнувања на постојниот Закон за култура и се надевам дека до крајот на месецот ќе се донесе, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој денеска за време на посетата на Македонскиот народен театар (МНТ), одговорајќи на новинарско прашање до каде е состојбата со Универзална сала, посочи дека се чека да поминат измените на Законот, кој предвидува Министерството за култура и туризам освен националните установи, да може да гради и локални установи или градски установи и со ова да се олесни постапката понатаму.

-Верувајте дека работиме. Неколку работни групи работат на случајот. Јас лично се заложив, најголем дел од моето време го поминувам за откочување на тој процес. Во собраниска процедура е и помина на претходната седница на Влада измена на Законот, се надевам дека на крајот на месецот и ќе помине тој закон во Собрание – рече Љутков.

Тој додаде дека имаат три до четири клучни точки кои го стопираат процесот, но се надева дека за брзо време истите ќе бидат откочени.

-Имаме уште три до четири клучни точки на коишто сме сопнати, но со тимот којшто го имаме и со којшто работиме се надевам дека за многу брзо време ќе ги откочиме. Верувајте, работиме многу експедитивно и многу брзо, но сепак тоа се некои административни процедури и задачи коишто ги даваме, а за кои треба да помине малку време додека да се пристапи до нив – рече министерот.

На прашање дали ќе се заврши постапката до локалните избори, тој одговори дека се надева, бидејќи веќе се распишани тендерите.