Фото: Принт скрин

Конфедерацијата на слободни синдикати го прекина најавениот протест пред Собранието поради, како што велат, притисоци врз членството.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски изјави дека денеска на вонреден состанок во Синдикатот ќе се одлучува за следните мерки, односно дали ќе се одржат најавените секојдневни едночасовни протести.

За медиумите пред прекинот на најавениот протест изјави дека членовите на синдикатот се соочуваат со големи притисоци и закани дека може да ги загубат работните места.

На најавениот собир пред протестот во Жена парк во центарот на градот се појавија околу стотина административни работници без транспаренти.

Синдикатот бара зголемува на бодот на 103 денари во бруто износ со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 денари и би се задржал распонот меѓу останатите плати. Не се согласуваат со Предлог-измените на Законот за административни службеници со кој, според нив, зголемувањето на платите би било од 100 до 200 денари.

Претходно КСС најавија дека ќе протестираат се додека не бидат исполнети нивните барања за усогласување на платите со минималната плата.

Пред неколку дена Сојузот на синдикатите на Македонија- ССМ по средба во Владата побара линеарно зголемување на платите за 2.806 денари за секој вработен во јавниот сектор, утврдување регрес или К-15 во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата и методологија за усогласување на сите останати плати согласно порастот на минималната плата.