Фото: Фејсбук/Оукли Грамар

Истакнувањето на македонското знаме на грчкото училиште Оукли Грамар во Австралија, по повод Денот на независноста на Македонија – 8 Септември, предизвика остри реакции кај Грците во државата, пренесува грчкиот весник што се печати во Австралија „Неос космос“.

Во острата реакција по повод кревање на знамето, грчката Панмакедонска асоцијација во Мелбурн, испрати писмо до училиштето и до водачот на Грчката православна црква во Австралија, осудувајќи ја постапката на училиштето.

Грчката асоцијација наведува дека кревањето на македонското знаме, на „држава што безброј пати го подрива грчкото полагање на права на античкото наследство на Македонија“ ја разлутило грчката заедница во Австралија. Се вели и оти постапката на училиштето претставува „напад врз грчката историја“.

Раководството на Оукли Грамар, пак, во писмо до медиумите истакнува дека во 2011 година била донесена одлука за отвореност на училиштето кон сите деца, без разлика на бојата на кожата, потеклото или расата, додавајќи дека ќе продолжат да ги одржуваат столбовите на православното христијанство и хеленизмот. Се нагласува и дека училиштето е посветено кон инклузивност, во согласност со прописите на австралискиот образовен систем.

– За да демонстрираме инклузивност кон децата, беше одлучено да ги вееме знамињата на нациите од кои потекнуваат нашите ученици и вработени, на нивните национални празници, во духот на хармонијата, мирот и признавањето на нашата милтикултурна заедница – велат водечките луѓе од училиштето, нагласувајќи дека немале цел за нанесување навреда.