Фото: Влада

Се работи за нормална дискусија на премиер на земја членка на НАТО со премиери на соседни држави со коишто имаме одлични врски и каде динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на нивна интеграција во ЕУ. Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во коментар на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека остро му се обратил на косовскиот премиер Албин Курти во контекст на неговата посета на Тетово, за време на неформалната вечера во Атина по повод 20 години од Солунскиот самит, на која присуствуваа претседателите и премиери на земјите од регионот заедно со претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет и претседателите на земјите членки на ЕУ од регионот, а на која гостин беше претседателот на Украина,

Тој појасни дека на таа вечера се разговарале за продолжувањето на евроинтеграциите, поддршката која што секоја од земјите ја дава на Украина во нејзината оправдана борба за слобода, суверенитет и право на самоопределување, како и за регионалната динамика.

-Јас изразив многу јасен став дека добрососедските односи се основа за градење на економските и кои било други врски помеѓу државите од регионот и дека добрососедските односи се основа за понатамошно интегрирање на регионот во ЕУ. Дополнително што се потврдило во минатото дека Северна Македонија секогаш се придржувала кон исклучително високо ниво на почитување на своите соседи и истото тоа го очекуваме од сите наши соседи. Така што се работи за една нормална дискусија на премиер на земја членка на НАТО со премиери на соседни држави со коишто можам да кажам дека имаме одлични врски и каде што динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на нивна интеграција во ЕУ – рече Ковачевски по пуштањето во употреба на нова градинка во Општина Пробиштип.

Тоа, додаде тој, „го потврди и мојот разговор со претседателот на Србија посебно и во неговата изјава, меѓутоа и во изминатите денови можевте да бидете сведоци и на изјава на српскиот премиер којшто кажа дека исклучително ја цени Северна Македонија и се она што е значајно за нашите добрососедски односи“.

Во однос на самата средба во Атина, премиерот Ковачевски потенцира дека тоа беше средба која што беше направена со цел одбележување на 20 години од Солунската декларација, и која покажува што значи да се биде во чекланата на ЕУ.

-Кога зборувам за чекална тогаш тоа место, тоа одбележување точно кажува што е чекална и како изгледа чекална. Ние тогаш бевме во група во која што беше и Хрватска, значи Западен Балкан и Хрватска беше во Западен Балкан. Хрватска денес е земја членка на ЕУ и дел од шенген и со воведено евро, а ние се уште овде зборуваме за светски завери против Македонија и за тоа дека дел од политичките елити не сакаат повторно да носат одлуки како што не сакаа да носат и тогаш одлуки – рече Ковачевски.

Вучиќ по состанокот во Атина изјави дека македонскиот премиер на состанокот многу силно реагирал на Албин Курти „за она што го правеше во Тетово, и тоа јавно и отворено“.

Пред околу две недели косовскиот премиер Курти престојуваше во еднодневна неофицијална посета на Македонија на покана на градоначалниците на Чаир и Тетово, Висар Ганиу и Билал Касами. Посетата предизвика лавина реакции во јавноста бидејќи за време на официјалните средби со двајцата градоначалници не беа употребени официјалните симболи на државата, а на настанот на плоштадот во Тетово се вееше знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Поради иконографијата од пречекот на Курти, МВР поднесе прекршочни пријави против градоначалниците Ганиу и Касами.