За да осигураме иднина за генерациите после нашата, сите денес мора да покажеме дека сме извлекле поуки од минатото, а тоа ќе го направиме само ако застанеме одлучно против екстремни националистички и полулистички идеологии кои водат кон фанатизам. Индиферентноста кон екстремизмот е соучесништво, порача премиерот Димитар Ковачевски на комеморативниот настан во Националната опера и балет во рамките на обележувањето на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи.
-Никогаш повеќе антисемитизам, расизам и ксенофобија. Никогаш повеќе фашизам. Оваа јасна и категорична порака ја упатувам вечерва со мирна совест бидејќи нашата историја исто како и сегашноста докажуваат дека сме секогаш на вистинската страна на историјата – демократи за кои никој не е и не може да биде помалку важен. И затоа имаме и морално право, но и вредности за да се спротиставиме на сите различни форми на говор на омраза и нетолерација – рече Ковачевски.
Светот, посочи, има потреба од гласност на секој од нас како народи, како држави, како луѓе што поддржуваме, а што не поддржуваме. Тоа, вели Ковачевски, определува во каков свет ќе живееме понатаму.
-Холокаустот не почнал со концентрационите логори, почнал со антисемитизам и со ширење говор на омраза по улиците. Ние кои се сеќаваме, сме должни да работиме активно и да оставиме поука за помладите од нас за никогаш повеќе да не се повтори, да не биде прекинат со ужасно зло ниту еден детски сон, никој насила да не биде ограбен и избркан од својот дом како на 11 март 1943 година кога започнала депортацијата на македонските Евреи од Битола, Штип и Скопје, рече Ковачевски, додавајќи дека 7144 деца, жени, мажи биле насилно собрани во скопски Монопол за да бидат депортирани во логорот на смртта Треблинка.
-Народите тука секогаш заедно ги добивале битките како што и заедно ја добиле битката против фашизмот. Меѓу нив имало и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Власи, и Роми, и Бошњаци, и сите други. Евреите потоа учествуваат и во создавањето на оваа држава. Евреите се и денес составен дел од мозаикот на етнички, верски, јазични и културни различности во Република Северна Македонија и државата заедно ја градиме во еднакво општество за сите. Заедно обезбедивме евроатланска иднина на Република Северна Македонија, заедно одиме и по стратешкиот европски пат и заедно ќе обезбедиме европска иднина – потенцира Ковачевски.
Посочи дека како функционална, мултиетничка демократија, нашата држава покажала пример во регионот, а и во Европа и светот, што значи да се почитуваат, охрабруваат, бранат и негуваат различностите.
-А ние веруваме дека овие политики на пријателство и разбирање придонесуваат и ќе придонесуваат и во регионалниот и во европскиот безбедносен контекст. Покажавме на дело дека различностите по било која основа не се пречка, туку предност. Со мудри и одговорни политики, Република Северна Македонија ќе стане членка на Европската унија, процес за кој знам дека ја имаме и поддршката на македонските Евреи – нагласи Ковачевски.
Посочи дека цивилизациска одговорност на генерациите на денешницата е да градиме свет еднаков за сите и дека сите оние кои во сржта го имаат антифашизмот, демократијата и прифаќањето на различностите мора да останат обединети и на вистинската страна на историјата.