Хируршки микроскоп што ќе овозможи нови, современи процедури според најмодерна технологија, со максимална прецизност, доби денеска државната Очна клиника во Скопје.
Како што изјави министерот за здравство Арбен Таравари, се работи за апарат којшто е многу важен во функционирањето на модерната офталмологија.
– Со овој микроскоп се третираат и предниот и задниот сегмент на окото. Одиме чекор понапред во подобриот третман и подоброто давање здравствени услуги – истакна Таравари.
Според него, има едуциран кадар што знае и ќе го користи интензивно микроскопот.
– Предвидувањата се дека месечно ќе се прават околу 200 операции со новиот микроскоп или годишно приближно 2.000 – потенцира министерот.
Засега, како што оцени, Клиниката за офталмологија е добро опремена иако никогаш не е доволно од апаратура.
На промоцијата на микроскопот беше нагласено дека Клиниката моментно располага со три комплетно опремени хируршки сали, а во претстојниот период фокусот ќе биде развој на веќе имплементираните хируршки и дијагностички процедури.