Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија ги одби како неосновани поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
– Советот за казниви дела при Врховниот суд одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, по предметот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Советот за казниви дела при Врховниот суд донесе пресуда КВП2-101/23, со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осуденитe А. Ѓ., К.Л. и А.К. против пресудата на Основниот кривичен суд – Скопје К.бр.1768/22 од 30.11.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-224/23 од 5.6.2023 година, ги одби како неосновани – се вели во соопштението на судот.
Пресудата за убиството на Денис Тот од Кривичен суд беше изречена во ноември 2022 година. Обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска добија казна затвор од по 18 години, додека обвинетиот Андреј Костовски беше осуден на 16 години затвор, за сторено кривично дело „убиство“. Тие се во притвор од април 2022 година. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, на 7 април 2022 година.
Апелација во јули минатата година ја одби жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски како неоснована, додека жалбите на обвинетите Андреј Костовски и Клементина Левковска делумно ги уважи и го преиначи досудениот износ на име нематеријална штета.