Тепачка меѓу две групи од Кочани и Штип се случила утринава околу 3 часот во близина на ноќен клуб во Штип. Осумина кои учествувале во физичката пресметка побарале здравствена помош во Клиничка болница-Штип. Петмина од повредените помошта ја побарале веднаш по пресметката, а тројца утринава.
Од Клиничка болница-Штип информираат дека се прегледани од страна на лекари на Oдделенијата за ортопедија и хирургија. Повредените се здобиле со полесни повреди и се пуштени на домашно лекување.
Од СВР-Штип потврдуваат дека работат на расчистување на случајот, кој во моментов се води како тепачка. Информиран е и јавен обвинител, а на распит се повикани неколку лица, за да се расчисти овој случај. За физичката пресметка меѓу двете групи од Кочани и Штип денеска сведочат и трагите од крв, а на полицијата и се познати учесниците во овој инцидент.