Фото: Маја јаневска Илиева

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше студентката Теа од Штип, која изјави дека пиротехничките средства биле поставени вечерта, откако таа пристигнала во локалот околу 1 часот по полноќ заедно со пријатели, пренесе МИА.

Таа посочи дека нивната маса била поставена непосредно пред бендот и блиску до сцената, а во текот на вечерта забележала дека пиротехниката е поставена премногу блиску до гостите, по што реагирала кај пријателка.

Додека снимала со мобилен телефон, како што рече, по околу една минута забележала искри и плафонот почнал да гори.

-Не го сфативме веднаш сериозно, но кога еден член од бендот повика да излеземе, тргнав кон излезот – сведочеше таа.

Во моментот на евакуацијата настанала голема турканица, а зад неа се слушнала експлозија. Таа наведе дека се заглавила меѓу влезната и излезната врата и почнала тешко да дише.

-Бев во лежечка положба, беспомошна. Барав помош. До мене беше пријателот кого го држев за рака – изјави сведокот, додавајќи дека обезбедувачот Стојанчо ја извлекол надвор.

Таа исто така изјави дека и претходно во дискотеката имало користење пиротехника и дека во локалот влегувала и кога била малолетна.

Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.