Фото: Фејсбук/Никола Мицевски

Пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, чие возило „шкода“, паркирано пред домот во кој живее, беше опожарено ноќеска околу два часот, изјави дека немал закани, дека не се плаши, како и оти нема ништо да го поколеба во настапувањето во Собранието. Тој смета дека до инцидентот дошло како резултат на неговите настапи во законодавниот дом и изјавите со кои се противел на францускиот предлог. Ова е втор немил настан во кој од пожар настрадува имот на пратеникот. Пред неколку години, додека Ристески исто така беше политички активен, му беше запалена викендичката.

– Кога излегов, возилото, „шкода кодиак“ беше во пламен. Веднаш ја повикавме противпожарната екипа. Зафатено беше и возилото на мојот татко, двете се непосредно пред семејната куќа. Брзата интервенција на противпожарната екипа не дозволи пожарот да ја зафати куќата. А имаше реална можност, зашто од пожарот зафатено беше дрвото. За мене ова е атак на мојот живот, на моето семејство. Сличен случај се случува вторпат. Пред четири години ми беше опожарена викенд куќата. Очигледно, по мојот впечатлив говор во Парламентот во петокот, некому му пречи тоа и доколку во текот на денот не се расчисти случајот, ќе сметам дека е директен напад кон мене и моето семејство – изјави Ристески.

И од ОК на ВМРО-ДПМНЕ упатија остра реакција, посочувајќи дека министерот Оливер Спасовски останал глув и слеп на барањата од градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески и општинскиот Совет за смена на командирот на ПС Прилеп, бидејќи, според опозициската партија, во изминатиот период во градот царувале криминалот, безредието и мафијата.

Петар Ристески/Фото: Фејсбук – приватна архива

– Дали полицијата на Оливер Спасоски ќе постапи брзо и ефикасно во откривањето на сторителите, во овој настан, како што е случајот со постапување за дела извршени врз
функционери на СДСМ? Или и овој настан ќе биде „преземени се мерки согласно законот“ – праша праша Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ од Прилеп, според кого ваквите методи на вандализам и заплашување, бидејќи и кај него дома имало немили настани, немало да ги поколебаат во борбата против власта предводена од СДСМ.

Утрово и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на Фејсбук објави дека било
опожарено возило на пратеник од оваа партија, осудувајќи го настанот.

– Кукавички чин зад кој стојат платеници инспирирани од предавничкото раководство на СДСМ. Платеници се, затоа што нема нормален и здрав Македонец кој поради верба во нешто, освен за добра сума на пари, би направил таков чин на насилство против пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е сериозен удар и назадување врз демократијата –
посочи Ковачки.

Потоа и СДСМ излезе со соопштение со осуда на палењето на возилото на пратеникот и побара надлежните институции да го расчистат случајот. И градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески најави прес-конференција во 13.30 часот.

Инаку, пред неполн месец беше опожарено и возилото на директорот на ЈКП „Комуналец“ Рубин Абрашоски.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп утрово
изврши увид на лице место на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен
автомобилот во сопственост на пратеникот во Собранието од ВМРО ДПМНЕ Петар
Ристески. Како што информираат од Јавното обвинителство, по наредба на јавниот
обвинител биле подигнати траги од лице место, кои ќе се вештачат со цел да се утврдат
причините за инцидентот. Јавниот обвинител издал и наредби за обезбедување на
евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото. Ка.М.