По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Во рок од два месеца од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е запретена максимална затворска казна до 20 години.
-Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди” и улицата „29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место – наведува Обвинителството.
Додава и дека во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот на опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека се уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од Судот побара притворската мерка да биде продолжена.