На предлог од Обвинителството од страна на судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово определена е мерка притвор во траење од осум дена за 43-годишниот лекар – анестезиолог од тетовско Одри кој на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
До определување на мерката доаѓа откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.
-На 15 април 2023 година судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово на В.Д.(43) од тетовско Одри му определил мерка притвор од осум дена и ќе биде спроведен во КПУ Затвор „Скопје“ за издржување на притворот – информираше СВР Тетово.
Непосредно пред да биде лишен од слобода В.Д. од полициските службеници на СВР Тетово, случајот го пријавил 49-годишниот директор на болницата.