Илустрација / Фото: ЦУК

Опожарена е викенд-куќата на директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов во скопското село Орешани.

Од МВР за МИА потврдија дека вечерва, во 18:45 часот во СВР Скопје А.П. (54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд-куќа во скопско Орешени.

Полицијата, како што наведуваат, презема мерки за расчистување на случајот.

За случајот на Фејсбук вечерва информира и сподели видео и директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов, кој е и директор на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е данокот за нашата борба за владеење на правото без калкулации? Ова е цената за удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор за смислен атак на криминалците! Нема да не запрат и нема да не поколебаат. Никој не е над законот! Нема враќање назад кога се бориш за правдата. И кога ќе тргнеш против криминалот, тој се брани со насилство. Но, ова нема да ме запре — напротив, само не зајакнува! – вели во објавата Пандов.

Тој очекува институциите да го најдат и казнат сторителот.

– А јас и сите заедно ќе продолжиме таму каде што бевме — со уште поголема одлучност – напиша на Пандов на Фејсбук.