Фото: МИА

Седумдесет и четиригодишна охриѓанка била измамена од непознато лице при што ѝ биле одземени околу три илјади евра, соопшти денеска СВР Охрид. Случајот, како што е посочено во соопштението, бил пријавен вчера.

– Седумдесет и четиригодишна жителка на Охрид, во СВР Охрид пријави дека околу 13 часот, телефонски добила известување за сообраќајна несреќа во која, наводно, била тешко повредена нејзината ќерка и дека итно ѝ биле потребни пари за помош и исплата на оштета. Според пријавеното, на едно лице кое дошло пред нејзиниот дом, таа му дала околу 3.000 евра – појасни портпаролот Стефан Димоски.

Истиот ден, додаде, во СВР Охрид било пријавено дека повозрасна жителка од охридско село била измамена од едно лице, кое ѝ побарало и добило 300 евра, поради наводен долг на нејзиниот син кој живее во странство.

– Секторот за внатрешни работи Охрид апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица и да не наседнуваат на вакви и слични измами, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 112, изјави Димоски.

СВР Охрид работи на расчистување на пријавените случаи и пронаоѓање на сторителите по што ќе поднесе соодветни пријави.