Роко Морабито неодамна беше спроведен во Рим откако беше екстрадиран од Бразил, каде што со години успешно се криеше. Мафијашкиот шеф беше во бегство цела деценија, користејќи лажен идентитет и криејќи се во повеќе земји во Јужна Америка. Познат како миланскиот крал на кокаинот, Морабито беше уапсен во мај минатата година во заедничка акција на бразилската и на италијанската полиција. Конечно, 55-годишниот член на Ндрангета ќе оди во Италија да ја издржува казната затвор од 30 години поради трговија со дрога

ТЕЖОК УДАР ЗА ЕДНА ОД НАЈМОЌНИТЕ МАФИЈАШКИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО СВЕТОТ

Ндрангета е една од најголемите и најмоќни мафијашки криминални организации во светот, која потекнува од италијанскиот регион Калабрија. Иако е една од најпознатите и најопасни италијански криминални организации, која е присутна на секој светски континент, тоа не значи дека нејзините членови се енигма за полициските власти, иако со години вешто и успешно се кријат од нив. Кога-тогаш, полицијата успева да ги изведе пред лицето на правдата, за да одговараат за сите злодела што ги сториле под закрилата и за целите на мафијата.

УАПСЕН ЕДЕН ОД НАЈБАРАНИТЕ ЛУЃЕ ВО ИТАЛИЈА

Во прилог на ова зборува фактот дека еден од најбараните луѓе во Италија, мафијашот Роко Морабито, неодамна беше спроведен во Рим откако беше екстрадиран од Бразил, каде што со години успешно се криеше. Мафијашкиот шеф беше во бегство цела деценија, користејќи лажен идентитет и криејќи се во повеќе земји во Јужна Америка.
Полицијата конечно му влезе во трага минатата година во Жоао Песоа, пристаништен град на североистокот на Бразил, каде што беше уапсен заедно со уште еден член на мафијашката група Ндрангета, Винченцо Паскина.
Познат како миланскиот крал на кокаинот, Морабито беше уапсен во мај минатата година во заедничка акција на бразилската и на италијанската полиција. Конечно, 55-годишниот член на Ндрангета ќе оди во Италија да ја издржува казната затвор од 30 години поради трговија со дрога.

УМЕТНИК ЗА БЕГАЊЕ

На тој начин, со спроведувањето на Роко Морабито во Рим, конечно е завршена повеќедецениската потрага по него.
Роден во калабрискиот град Африко и со семејни врски со мафијашкиот шеф Џузепе Морабито, Роко стана клучна фигура во Ндрангета, организација што го контролира најголемиот дел од трговијата со кокаин во Италија, но и многу пошироко.
Тој уште како младо момче се пробил во мафијашките кругови за трговија со дрога во Милано, воспоставувајќи клучни маршрути за шверц на кокаин од Јужна Америка во италијанскиот град.
Модерно облечен во елегантни костуми, Роко честопати можел да се забележи на градските случувања и набрзо ѝ го привлекол вниманието на италијанската полиција, која почнала да го следи и да го набљудува.
Бил снимен како се обидува да посредува во договори за увоз на што е можно повеќе тони кокаин од Јужна Америка, но набрзо потоа исчезнал.
Полицијата верува дека побегнал во Бразил, каде што живеел под лажното име Франциско Капелето. Оттаму се преселил во соседен Уругвај, каде што живеел во одморалиштето „Пунта дел Есте“ најмалку 13 години.
Додека изнајмувал луксузна куќа, декорирајќи ја со уметнички дела, соседите зборувале дека вози скромен автомобил и дури кога организирал раскошна забава за роденденот на неговата ќерка дознале за неговото богатство.
Но кога тој ја пријавил својата ќерка за на училиште, со нејзиното вистинско име, полицијата го ставила под надзор.
Во септември 2017 година, Роко се разделил со сопругата, по што се преселил во хотел во престолнината на Уругвај, Монтевидео. Тогаш полицијата извршила упад во неговиот дом. Меѓу неговите работи пронашле пиштол, 13 мобилни телефони и 150 негови фотографии за пасош на кои бил различно маскиран.
Меѓутоа, неговите денови во бегство сѐ уште не биле готови.
Во 2019 година, откако поминал две години во затвор чекајќи екстрадиција во Италија, заедно со уште тројца затвореници, успеал да побегне од затворот преку дупка на покривот. По бегството, Интерпол објави црвена потерница по него.
Во рамките на мултинационалната полициска операција под водство на Интерпол против кланот Ндрангета, Морабито беше успешно пронајден во Жоао Песоа, а по спроведената законска процедура, бразилскиот Федерален суд ја одобри неговата екстрадиција во Италија.

Миланскиот крал на кокаинот
Роко Морабито

ГОДИШНА ЗАРАБОТКА ОД 44 МИЛИЈАРДИ ЕВРА!?

Ндрангета е една од најголемите криминалн

и организации во светот, а покрај неа од подрачјето на Италија се познати сицилиската Коза ностра и неаполската Камора. Нејзината главна база се наоѓа во најсиромашните региони на Италија. Во исто време, оваа криминална организација го контролира најголемиот дел од европскиот пазар со кокаин. Според процените на полициските експерти, овој пазар на Ндрангета ѝ обезбедува речиси 50 милијарди евра приход од дрогата.
Иако оваа мафијашка организација ни одблизу не е толку позната како Коза ностра или Камора, сепак е една од најмоќните, но и најсурови криминални организации на светот.
Институтот за истражување „Еуроспес“ ги проценува нејзините приходи од 2007 година на 47 милијарди евра.
Ндрангета обединува стотина автономни кланови, се занимава со големо производство и продажба на наркотици, перење пари, рекет, проституција, трговија со луѓе и шверцување оружје. Годишно заработува неверојатни 44 милијарди евра.

[email protected]