Со брза интервенција на Територијалната противпожарна единица, но и со поддршка на локалното население и доброволци, успешно беше локализиран и изгаснат пожарот што вчера попладнето избувна на падините на планината Петрино, над населбата „Бараки“ во Охрид.
Како што се посочува во соопштението од ТППЕ – Охрид, веднаш по појавата на пламенот од единицата било интервенирано со четири возила и 17 пожарникари.
Притоа со пламен била зафатен отворен простор со сува трева и деградирана борова шума.
-Поради силината на ветерот имаше реална опасност пожарот да пристигне до поблиските објекти, меѓутоа благодарение на нашите пожарникари, месното население и останати доброволци, беа избегнати поголеми материјални штети- се посочува во соопштението.
Причините за избувнувањето на пламенот уште не се познати, но околностите укажуваат дека се работи за човечки фактор.
Од ТППЕ – Охрид се упатува апел до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно, а до надлежните институции да превземат мерки за пронаоѓање и санкционирање на предизвикувачите на пожари на отворено.



































